Фото: ЕПА

ГЕРМАНИЈА СО ПОВЕЌЕ ОД ТРИ МИЛИОНИ НЕВРАБОТЕНИ

  • Во јули во Германија официјално се регистрирани нешто повеќе од три милиони невработени, што претставува зголемување за 71.000 лица во однос на јуни и за 28.000 во споредба со истиот месец минатата година. Истовремено, стапката на невработеност достигна 6,4 проценти, што е за 0,2 процентни поени повеќе отколку во претходниот месец
  • Фактот дека бројот на невработени во Германија повторно ја надмина границата од три милиони има и силна симболика. Истата бројка беше достигната и во април годинава, а економистите предупредуваат дека закрепнувањето на пазарот на трудот ќе зависи пред сè од тоа кога германската економија повторно ќе влезе во период на посилен раст

Кога германската економија почнува да покажува знаци на слабеење, првите последици обично се забележуваат во индустријата. Но кога тие ќе станат видливи и во статистиката за невработеноста, тогаш економистите веќе зборуваат за подлабоки структурни проблеми. Токму таква порака испраќаат најновите податоци на Сојузната агенција за труд, според кои бројот на невработени во јули повторно ја надмина границата од три милиони лица.

Во јули во Германија официјално се регистрирани нешто повеќе од три милиони невработени

Во јули во Германија официјално се регистрирани нешто повеќе од три милиони невработени, што претставува зголемување за 71.000 лица во однос на јуни и за 28.000 во споредба со истиот месец минатата година. Истовремено, стапката на невработеност достигна 6,4 проценти, што е за 0,2 процентни поени повеќе отколку во претходниот месец.
Вообичаено, јули секоја година носи сезонски пораст на невработеноста. Илјадници млади по завршувањето на средното образование, универзитетите или стручната обука се пријавуваат во службите за вработување додека го бараат своето прво работно место. Во истиот период истекуваат и голем број договори за работа склучени до крајот на вториот квартал, а многу компании, поради летните одмори, ги одложуваат новите вработувања за есен.
Сепак, годинашните бројки имаат и подлабока порака. Членот на Управниот одбор на Сојузната агенција за труд, Даниел Терценбах, предупреди дека зад сезонските фактори се крие тренд што трае веќе неколку месеци – германскиот пазар на труд постепено слабее.
Тоа не е изненадување ако се земат предвид економските случувања во земјата.

Германската индустрија веќе подолг период работи со намален интензитет

Автомобилскиот сектор, машинската индустрија и хемиските компании се соочуваат со послаба побарувачка на светските пазари, додека високите трошоци за енергија и натаму претставуваат сериозен товар за производството. На тоа се надоврзуваат геополитичките неизвесности, поскапото финансирање и воздржаноста на компаниите кога станува збор за нови инвестиции. Во такви услови, работодавците сè почесто избираат да не отвораат нови работни места, а некои од нив ги намалуваат и плановите за вработување. Тоа постепено почнува да се чувствува и кај луѓето што бараат работа, иако германскиот пазар на труд сè уште останува релативно стабилен во европски рамки.
Интересно е што недостигот од квалификувани работници, кој со години беше една од најголемите грижи на германската економија, не исчезна. Напротив, здравството, негата на стари лица, информатичката индустрија, образованието и дел од инженерските професии и понатаму имаат сериозен дефицит од стручен кадар. Тоа покажува дека Германија истовремено се соочува со две спротивставени појави – раст на невработеноста и недостиг од работна сила во одредени професии, што е карактеристика на структурните промени низ кои минува економијата.

Бројката од три милиони невработени во Германија беше регистрирана и во април годинава

Фактот дека бројот на невработени повторно ја надмина границата од три милиони има и силна симболика. Истата бројка беше достигната и во април годинава, а економистите предупредуваат дека закрепнувањето на пазарот на трудот ќе зависи пред сè од тоа кога германската економија повторно ќе влезе во период на посилен раст.
Во моментов прогнозите не се особено оптимистички. Повеќето економски институти очекуваат растот на германската економија и во наредните месеци да остане скромен. Тоа значи дека компаниите ќе продолжат внимателно да ги планираат новите вработувања, а пазарот на трудот најверојатно ќе остане под притисок и во текот на есента.
И покрај тоа, експертите не очекуваат драматично влошување на состојбата. Германската економија и понатаму располага со силна индустриска база, ниско ниво на јавен долг во споредба со повеќето европски држави и значителен потенцијал за раст кога ќе се стабилизираат меѓународните економски услови. Но најновите бројки се уште еден потсетник дека и најсилната европска економија повеќе не е имуна на последиците од продолжената економска стагнација.
За земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, случувањата на германскиот пазар на труд остануваат од особено значење. Германија е најважен трговски партнер на македонската економија и најголем работодавец за десетици илјади иселеници од регионот. Секоја промена во германската економска активност, особено во индустријата и вработувањето, директно или индиректно се одразува и врз економските текови во регионот.

Доне Прентоски, наш соработник од Германија