Во потпелистерското село Трново, во дворот на македонскиот православен храм „Успение на Пресвета Богородица“, секоја година на Илинден се одржува Семакедонска средба. Така беше и годинава. На 2 август, на Денот на државноста, на денот на Свети пророк Илија, се одржа 55. Семакедонска средба.
Организатори на Семакедонската средба се Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од егејскиот дел на Македонија во Битола, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и Светскиот македонски конгрес.
Накусо за историјата на Семакедонската средба: Во организација на Матицата на иселениците од Македонија на 2 август 1971 година, во македонската православна црква „Успение на Пресвета Богородица“ во битолското село Трново, за првпат е одржана Иселеничка средба. Во 1981 година, на истото место, една недела пред 2 август, за првпат започнува да се одржува и Погранична средба на Македонците од егејскиот дел на Македонија во организација на Здружението на Македонците од егејскиот дел на Македонија – Битола. Од 1998 година средбата е преименувана во Светска македонска иселеничка средба, во организација на Светскиот македонски конгрес, затоа што дејноста на Матицата на иселениците беше суспендирана, во нејзината зграда се всели новоформираното Министерство за иселеништво, кое набрзо го трансформираа во Агенција за иселеништво. Во духот на семакедонското помирување и обединување, а бидејќи на исто место во временска разлика од една недела се одржуваа две македонски средби речиси со исти луѓе, под покровителство на градоначалникот на Битола, во 2014 година 34. Погранична средба на Македонците од егејскиот дел на Македонија и 43. Светска македонска иселеничка средба се обединија во една и единствена Семакедонска средба под покровителство на градоначалникот на Општина Битола.
Годинава се одржа 55. Семакедонска средба. Семакедонската средба во Трново беше една од трите прослави на Илинден во државата Македонија: Мечкин Камен, македонскиот манастир „Свети отец Прохор Пчињски“ (сега несреќно одбрано Пелинце) и Семакедонската средба во Трново. Имало години под Пелистер кога за Илинден се собирале и повеќе од 10.000 Македонци од целиот свет.
И годинава, на Семакедонската средба имаше Македонци од сите делови на Македонија, од светот и татковината. За жал, иако сите медиуми беа известени, настанот доби слаб одглас во јавноста: по народната – барам работа, молам Бога да не ја најдам. Устата ни е полна со иселениците и Македонците во соседните земји и светот, ама молиме Бога да ги нема. Едно време сталешки здруженија под покровителство на Владата велеа кои се тие да ни се мешаат во Македонија, заминале, по трета генерација ги нема, да даде Господ што побрзо сите да изумрат. До толку беше власта забегана. И сега не сме далеку од таа вистина.
На Семакедонската средба присуствуваа високопреосвештенството господин Петар Митрополит преспанско-пелагониски, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, пратеници, градоначалници, советници, голем број Македонци! Одбележивме три Илиндена – 2.364 години од Битката на Херонеја, 123 години од Илинденското македонско востание со Македонската република во Крушево и 82 години од Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија.
Еве што побараа Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината на Семакедонската средба во Трново:
(Прво) Итно и безусловно еднострано раскинување на договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 и на спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2018, бидејќи претставуваат флагрантно кршење на домашното и на меѓународното право – го суспендираат универзалното право на самоопределување и самоидентификација на македонскиот народ за македонска држава. Македонците порачаа: Оваа држава отсекогаш била, е и ќе остане Македонија!
(Второ) Итно и безусловно еднострано распуштање на меѓувладините комисии со Атина и Софија за ревизија на македонската историја. Во светот важи правилото: Секој има суверено право да си ја пишува својата историја, никој нема монопол врз неа!
(Трето) Уставниот суд итно и безусловно да го поништи вториот протокол Османи-Генчовска од 17 јули 2022, по иницијатива на Светскиот македонски конгрес од 14 август 2025, бидејќи во него се запишани сите идентитетски, историски и образовни прашања. Тој де јуре е записник, но де факто е анекс на договорот, без ратификација во Собранието. Протоколот е во сила, без негово спроведување ветото на Софија останува, бидејќи основата на бугарската држава е антимакедонска!
(Четврто) Се отфрла впишување Бугари во преамбулата и членовите 49 и 78 на Уставот! Македонците не мразат никого, воопшто не ги мразат Бугарите! Имено, ја признаваат бугарската нација како политичка нација со своја културна идентификација, не се мешаат во внатрешните работи и историските корени на Бугарите во Татарстан, Кина и Монголија. Ама, ги отфрлаат бугарските територијални претензии од неизживеаната романса за руската креација санстефанска голема Бугарија од 3 март 1878 година и грубото мешање на Софија во внатрешните работи на државата Македонија! Македонците сметаат дека „етнички Бугари“ во Македонија, Албанија и Косово НЕМА, бидејќи етнички Бугари нема ниту во Уставот на Република Бугарија! Бугарин во нивните биометриските лични исправи значи државјанство, а не етничко потекло! Бугарите не се државотворен народ во Македонија: биле окупатори – од Балканските војни сѐ до фашистичката окупација за време на Втората светска војна! Не постои бугарско прашање во Македонија, туку софиски врховисти и колаборационисти. Софија не бара впишување бугарско малцинство во Уставот на Македонија, туку впишување на Бугарите како „дел од бугарскиот народ“. Ако за Софија, Бугарија е матична држава на бугарскиот народ, „делот од бугарскиот народ“ во државата Македонија ќе бидат сите Македонци заедно, бидејќи за Софија Македонците се Бугари, а македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик. За волја на вистината: Во Македонија сите се еднакви пред Уставот и законите, за сѐ што нема во Уставот и законите важи меѓународното право!
(Петто) Итно и безусловно продолжување на членството во Обединетите нации под единственото државно, историско и генеричко име Македонија, со писмена нота од претседателката, премиерот или министерот за надворешни работи до генералниот секретар на Обединетите нации и владата во Атина и со резолуција до Генералното собрание. Некрологот северна е најголемата корупција и организиран криминал во Македонија и значи суспензија на правната држава, северна значи башибозук. Пратениците и членовите на Владата за промената на името и идентитетот, кога-тогаш, треба да одговараат за велепредавство, геноцид и злосторство против човештвото, со доживотен затвор и конфискација на личниот имот и имотот на членовите на семејството, дома и во светот!
(Шесто) Историско помирување на македонскиот народ со соседните народи и договори за траен мир и добрососедство на државата Македонија со соседните држави, но врз основниот принцип на меѓународното право на „суверена еднаквост“, што значи: заемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи.
(Седмо) Безусловно македонско државјанство за сите Македонци во светот! Неприфатливо е соседните земји на македонските државјани да им издаваат албански, српски, бугарски и грчки државјанства, а македонската држава од тоа право за Македонците во соседството и светот да се откаже! Како што со последните уставни амандмани, апсурдно, Собранието ја избриша грижата на Републиката за деловите на македонскиот народ во соседните држави, а ги впиша деловите на соседните народи во Уставот на државата Македонија.
(Осмо) Собранието на Македонија да ја донесе резолуцијата за сеќавање на геноцидот врз македонскиот народ од Балканските војни 1912-1913, поднесена од Светскиот македонски конгрес на 13 мај 2026 година до претседателката, Владата и Собранието! Промената на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ 2017-2018 година е последица на окупацијата и геноцидот во Балканските војни 1912-1913 година. Не може да очекуваме друг да го каже тоа, а ние за нас самите да останеме глуви, неми и слепи!
(Деветто) Избирачко право за сите македонски државјани во светот и една изборна единица со отворени листи без изборен праг, под еднакви услови дома и во светот, и крај на обврската за активна пререгистрација за македонските државјани во светот. Притоа, потребна е силна кампања за мотивација, бидејќи во 2016 година на парламентарните избори надвор од Македонија не се пријавија ниту 6.000 избирачи, ДИК не организира избори бидејќи само за еден од трите мандати беа потребни 6.700 гласа. А, на пописот од 2021 година, со слика на Вибер и неважечки лични карти и пасоши, лекарски рецепти и сметки, се попишаа 200.000 нерезиденти, од кои Македонци само 5.000. Потребна е итна и безусловна ревизија на книгата на државјани и на корисниците на фондовите за пензиско и здравствено осигурување! Крајно неприфатливо е исти лица да имаат три и повеќе државјанства, да се водат во книгата на државјани и матичните книги во Македонија, да бидат корисници на фондовите за пензиско и здравствено осигурување, а да живеат во Западна Европа, во Македонија да се водат заради попис и пензии и плати.
Доколку Владата ги оствари овие барања во одбрана на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ во односите со соседите и ЕУ, секогаш ќе ја има поддршката на Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во татковината и светот!
За жал, договорите со Атина и Софија го санкционираа Букурешкиот договор од 10 август 1913 година со цел – Македонија од држава да стане територија без македонски народ и историја, чии администратори ќе бидат Атина и Софија! Во Договорот од Нивици македонскиот народ не се спомнува ниту како демос, ниту како етнос, затоа што Зоран Заев ексклузивното право врз културата и историјата на Македонија ѝ го продаде на владата во Атина! Е, затоа велепредавството на СДСМ останува. А и ВМРО-ДПМНЕ да не заборават што ветуваа и што правеа. Патем, да не се заборави дека тогашниот министер за надворешни работи Никола Димитров на 16 јануари 2019, само пет дена по усвојувањето на уставните амандмани 33, 34, 35 и 36 за промена на името и идентитетот на 11 јануари 2019 година, достави писмена нота, како дополнителна гаранција на спогодбата Димитров-Коѕијас до грчкото МНР, во која напиша: „Macedonian/(слеш) citizen of the Republic of North Macedonia, doesn’t mean ethnicity, but just nationality“, во превод „Македонско, (коса црта) граѓанин на Република Северна Македонија’ не значи етничко потекло, туку само државјанство!“ Затоа за цел свет сме северномакедонци, бидејќи во меѓународното право – името на државата е идентитетот на нацијата. Со билатерален договор не се менува правописот на службен јазик на трета држава Писмото на Никола Димитров од 16 јануари 2019 година Ципрас го прочита пред пратениците и неговата влада ја доби довербата во парламентот!
Истовремено, вториот протокол Османи-Генчовска од 17 јули 2022 година, за жал, е дел од француската преговарачка рамка. Велепредавството на СДСМ не може да се затскрива зад изјавата на актуелниот министер за надворешни работи.
Слоганот „Сложни браќа и во петок мрсат“ никого не ослободува од одговорност! Прифаќањето на кривично дело не значи амнестија туку соучество. Затоа, апелот: Уставните судии да го поништат вториот протокол од 17 јули 2022 година на договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година, по иницијатива на Светскиот македонски конгрес, поднесена на 14 август 2025 година. Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, нека не бара алиби во молкот на Владата! Уставот и надлежностите на Уставниот суд не се условени од молкот на Владата, за иницијативите за правата и слободите на граѓаните да останат во фиока без епилог.
И најважното, Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, се единствени во одбрана на името, статусот и достоинството на Македонската православна црква-Охридска архиепископија/патријаршија и Јустинијана Прва и нејзината јурисдикцијата врз македонските епархии во светот. Никој нека не си игра со светата земја Македонија и апостолската Македонска ПРАВОСЛАВНА црква, затоа што Голем Е Господ, Гледа сѐ и Следи сѐ, па секому според заслугите!
Господ Бог да ги благослови Македонците каде и да се во светот, Господ Бог нека ја благослови државата Македонија!
Еве ова јавноста да го знае, да ги прочита семакедонските пораки од 2 август 2026 година, од Семакедонската средба во Трново! Ама нека прочитаат и претседателката, Собранието и Владата, да го чујат гласот на народот чиј суверенитет им дал власт во државата Македонија!
Тодор Петров
































