Мамо, дали сум терорист? Не, сине, функционер си мајкин

  • Што да се прави? Оставки? – Не, нема фајде. Затегања, да! Многу! Многу-многу! Прво – медицински да се реши Гостивар. Потоа – истраги, фундаментални. Дали е во прашање биолошка војна? Однесувајте се како да е! Кој може да постави три пумпи? Случајно? Дали може хирург случајно да пресади срце од вол наместо од човек? Симулација со ЧетГПТ вели дека мастермајндот е надвор – тој е златна кокошка. Овде се евтинџии, „ситни риби“. Имам три облози: се обложувам дека нема да фатат „големи риби“ (само ситни), нема да ги осудат и трето – пак ќе се повтори! Ако се пропушти ова – Македонија е врз ежот, длабоко, длабоко! Дали во контролата да се вклучи армија? Да

Повторно со водата. Како да знаев дека ќе се случи. И повторно ќе се случи! Зошто? Танатос на Фројд? Прашувам во врска со хаваријата во Гостивар, дали е тоа случајност или намера? Има три опции: примитивизам (носталгија за суровост), непланиран криминален акт и планиран криминален акт. Со која цел? Велам „биолошка војна“. Биолошката војна е метод, а не цел. А инфективната болест и мафијата денес се системски болести. За трите пумпи: нашата логика е „што знае дете што е кило, што е сто, кога краде железо“. Во Гостивар – „што знае дете што е пумпа, а што епидемија“? Дали е бизнис? Каде одат парите? Чии се? Водата е нафта. Или интермафијашка војна? Дали е стратегија? Стратешки – Тетово е центар, Гостивар е пресек – Неапол и Палермо. Гостивар е демографски рулет. А ние – сеирџаана, суртуци – „dancing bugy-woogy“!
Ние постојано сме во биолошка војна со највисокиот степен на интрахоспиталните инфекции и канализација од Тасино Чешмиче право врз Детската клиника и Клиниката за хематологија. Немањето кадар и дрзок кадар се втора кала-мизерија. Гостивар има нов специјалитет – „Шигели тава“! А препукувања на партиите е копро-фест. Но и симптом! Каков симптом? Војна на тронови? Според Оксфордскиот речник (Oxford Advanced Learner Dictionary), биолошка војна е користењето средства за војна со ширење болести. А „водна биолошка војна“ е „употреба на витални природни ресурси и летални патогени како инструменти за конфликт и немир“. Тој немир е конфузија, страв, закана и судир. Водата е оружје, а и порано со професор Бабановски и Бабагинин рековме е „Армагедон“. Идните војни во светот ќе се водат за вода. Во Гостивар водата вреди повеќе од нафта. Болестите од водните биолошки агенси се цревни и нервни. Се манифестираат со гадење, повраќање, температура, дехидратација, шок, понекогаш парализи и смрт – особено ако станува збор за тешка дизентерија, тифус, колера, ботулизам, сега и за западнонилска треска. Ме потсетуваа на професорите Игњатовски, Миронски и Неделковска, кои ги откриваа кај нас. Потоа, ризични се новороденче, мало дете, родилка и стар човек со коморбидитет (срцева болест, малигном, скорешна тешка операција или повреда итн.). Тука се вклопува Гостивар. Велите дека не е така? – Зарем ние сме колективни идиоти? Когнитивно оружје? Биди идиот и уживај! Наративот вели дека во селата околу Гостивар немало извесно време вода, луѓето се побуниле и одговорните за да го компензираат тоа поставиле поврзувачки цевки со пумпи од Вардар (загадена вода) кон редовниот водовод за да има притисок. Притисокот паднал поради ексцесивната градба на населби (градежна мафија).

Така, загадената вода е внесена во водоснабдувањето и – се инфицирале серија граѓани – над 4.000 пријавени во Клиничкиот центар во Гостивар (денес е 27 јули). Мал дел од заразените биле хоспитализирани, а другите се отпуштени, но симптомите траеле неколку дена. Нема животозагрозени, но постои можност. Знам за случаи на доенчиња што умреле од „обична“ инфекција со ешерихија коли резистентна на антибиотици поради масивна нивна примена кај нас. За да не се случи смрт во Гостивар фактори се – брзото реагирање на граѓаните и медицинските лица, водата е забранета за пиење и секаква употреба, прогласена е епидемија, некои лица се задржани на лекување, а некои приведени. Не епидемија – туку потребна беше вонредна состојба! А поминале 22 дена во „летаргија“. Епидемијата се смалува. Населението добива исправна вода со камиони и цистерни – поради солидарност од граѓани и добротворни фирми. Се чини дека ќе помине без смртни случаи. Подоцна министерот за здравство изјави дека доминира бактеријата шигела, која предизвикува дизентерија, но не се исклучуваат и други патогени агенси – бактерии, вируси, протозои, паразити, клостридиуми, па дури и амеби (порано ги имало баш во тоа подрачје). Многу е важно дали агенсот е општ заеднички (common) за таа околина или не е. Второто е индикативно за уфрлен агенс.
Мора да се постават серија прашања. Дали оваа епизода можеше да биде фатална? За кого? Зошто? Кој е виновен? Кои се причинителите – биолошки, хемиски или комбинирани? Која е концентрацијата? Како дошол агенсот таму? Ако е намерно – дали со знаење или незнаење дека може да се предизвика масовно заболување и смрт? Во Гостивар агенсите се биолошки, претежно бактерии (салмонели, шигели и ешерихии), но извесно и вируси. Може и приони (нешто меѓу вируси и материја), но овде ги исклучуваме (дали?). Други теоретски очекувани агенси би биле паразити, тении, протозои, спирохети и амеби. Најчести вируси се ротавируси, норовируси, аденовируси, Епштајн-Бар, коксаки, пикорна, еховируси и други ентеровируси, кои даваат тешки симптоми на гастроинтестиналниот тракт (гадење, болки, повраќање, колапс), но може и цревен хепатитис (хепатитис А и Е, а други хепатитиси само ако има траги на крв). Полиовирусите се присутни и многу опасни, но, за среќа, постои вакцина, која кај нас е задолжителна. Инаку, некогаш постоеја страшни епидемии од полиовируси (јас се сеќавам во педесеттите години) со енцефалитис, парализи, задушување и смрт. Претседателот Рузвелт имал полиомиелитис и бил парализиран. Вакцините за полио откриени во педесеттите години од Салк, Сејбин и од Копровски го спасија светот. Некогаш, особено во Првата светска војна, имало кај нас и епидемии на колера, но сега ја нема. Дизентеријата е тешка цревна болест, следена со болки, грчеви, повраќања и крвавења (од шигели, кои се сега доста пронајдени) и има смртни случаи. На пример при битката за Сталинград, Германците настрадале од дизентерија заедно со фелдмаршалот Паулус.

Значи дизентеријата е „спасувач“, па може и Гостивар! Цревниот тифус беше ендемски со лимфна инвазија на цревата, крвавења и честа смрт сѐ до 1947 година кога се откри хлорамфениколот. Цревната туберкулоза е ретка, ја имаше во наше време и на неа треба да се мисли. Кај нас постои и бруцелоза, опасна болест, ендемска, која се пренесува од овци. До скоро постоеше и антраксот (мојата фамилија ја има поминато), може да биде смртоносна и се пренесува со загадени кожи, но и вода. Хепатитисот А е „полесната форма“ на хепатитис. Се пренесува со валкани раце, а другите хепатитиси со инјекции, повреди и сексуално, а од шолји и чинии ако има траги на крв. Кај хепатитисот А последиците се помали, а кај другите се поголеми со зачестена фреквенција на хроничен хепатитис, цироза и карцином на црниот дроб. Тие имаат малку подолга инкубација, па ќе чекаме две-три недели. Поретки при капење (базени и сл) се џијардџијаза, кламидија, криптоспоридиум, псевдомонас, стафилококи, легионела, норовирус. Колерата фала богу ја нема овде, но никогаш не се исклучува, бидејќи се јавува на Медитеранот. Такви „егзотични“, а и карантински болести се отстранети од кај нас во педесеттите-шеесеттите години, но појава секогаш е можна. Ретки се болестите како кала азар и маларија, кои ги пренесуваат инсекти во мочуришни предели, а сега и западнонилската треска. Среќа е што еболата од Конго и Ангола не е пренесена кај нас (таму веќе има над 1.000 смртни случаи). И таа се пренесува ороинтестинално, што е можеби среќа во несреќа, инаку ако се пренесуваше воздушно, заразата ќе беше многу пораширена. Хемиски и бактериолошки се загадени главните реки – Вардар, Лепенец, Треска, Црна, Брегалница, Дрим, па Валандово, Крушево, Лешок, Охридско Езеро… Се губат 146 милиони кубни метри вода годишно (стари цевки, инсталации, приклучоци, злоупотреба на странски инвестиции). Загадувањата се проценуваат до над 80 отсто (стар податок од СЗО) – се пречистуваат само 20 отсто од отпадните води, а другото оди во реките. Рашче е „злато“. Но во медиумите уште пред две години велеа дека во близината има „црна вода“, а сега и шествалентен хром – високотоксичен. Опасно! Куманово-Липково е страва… окупација… некој хеликоптер фрлал нешто… ќе се повтори ли? Дали сме Хуни и Авари?
Гостивар предизвика големо вознемирување, страв и гнев. Само што се појави нова екипа министри на теренот и резултатот е ваков. Одзема енергија. Удар е по лицето што нѐ враќа во педесеттите години од минатиот век. Да, да, ќе го решиме проблемот, несомнено, но мозокот прашува каде сме, на која станица се симнуваме, „преко Лапова у село Париз“… Пигал фуксара! Од висина на Кандински, Климт и Флоге тонеме… „код Милича из Мачве“ или Џокич од Висибаба, или траурот на Кифер десцензус кон Саатчи Арт, Алберт Такер, па ужасот на Френсис Бејкон, blob-dirt…. паѓаме во ментална помија. Сакаме и сакаме да бидеме ништо! Од најништо бумсаме во онтологија на депонијата. Манифест на љубов кон ништото!
Инцидентното загадување се одвива по „природен тек“, поради инфраструктурни грешки, постепено и преку локален причинител.
Од друга страна, намерноста се манифестира преку мултипни точки, „стратешки центри“ (град, резервоар, депо), атипични агенси, нелиценцирани елементи (пумпи, цевки, киберупад), нагла појава на микрозони и нетипични симптоми. Форензичен аспект – важно е утврдување дали е намерно или не.

Форензична логика – „од центар кон периферија“ (спирални кругови в. ICWMM 2026 и Saferstein R.) или абдукциона логика (Walton D.). Најдиректни докази (легални) се признание, снимки, сведок, пишан текст, откриен договор (конспирација, план), ДНК-траги, отпечатоци (прсти, чевли специфични). Индиректни индикатори може да бидат интереси (финансиски, политички), воена или предвоена состојба, потенцијални или актуелни конфликти. Во војна, правилото е дека сѐ е сомнително (вода, храна, луѓе). А во мир – гледај воени филмови. Дали има случаи каде што психопат контаминирал вода? – Да, многу ретко – Чикаго 1972 година, Грам Јанг, Лари Вејн и разни култови. Во воени цели се користеле загадувања уште во антиката, со заразени лешеви од луѓе и животни. Разузнавачките служби се моќен фактор (National Intelligence Council со сите агенции). Разузнавачите се поопасни од дроновите. ЦИА ги набљудува не само американските води туку и други држави (Нил, Либија, Египет, Израел, Европа), обезбедува прегледи и извештаи – од извори, климатски влијанија, популации и кибернапади. А ние? Кои игри ги играме? Македонија е тројански коњ, а Гостивар е Елена Тројанска. Трилатерална агенциска соработка (САД, Русија, Кина) постои за супервизии на водите (на пр. Амур, Арктик, Антарктик, плус Сава, Дрина, Дунав, Рајна, Пасвик, гранични езера).
Што да се прави? Оставки? – Не, нема фајде. Затегања, да! Многу! Многу-многу! Прво – медицински да се реши Гостивар. Потоа – истраги, фундаментални. Дали е во прашање биолошка војна? – Однесувајте се како да е! Кој може да постави три пумпи? Случајно? Дали може хирург случајно да пресади срце од вол наместо од човек? Симулација со ЧетГПТ вели дека мастермајндот е надвор – тој е златна кокошка. Овде се евтинџии, „ситни риби“. Имам три облози: се обложувам дека нема да фатат „големи риби“ (само ситни), нема да ги осудат и трето – пак ќе се повтори! Ако се пропушти ова – Македонија е врз ежот, длабоко, длабоко! Дали во контролата да се вклучи армија? – Да. Пред 55 години во Израел посетив водоснабдувач каде што постојано кружеа тенкови. Па ние не сме Израел… ќе бидеме, де! Дали да се вклучи меѓународна заедница? – Мислам, да. Сами – не нѐ бива. А едукација? – Крајно време. Во Југославија учевме „предвојничка обука“ со сите мерки против биолошко, хемиско и радијационо оружје. Се учеше – во мир секоја вода е загадена и секој пријател е непријател. Потоа – влезе речникот на Кардељ, Бакариќ, Кидрич, Глигоров, па Гервала и Милошевиќ – па низ ендекот денес… „Ендек ми копат мамо, с’лзи ронит…“ (Браќа Миладиновци).

Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио