Фото: ЕПА

Во Германија трошоците за домување растат четири пати побрзо од платите

  • Пазарот на станови во Германија влегува во длабока криза – високите кирии, недостигот од нови станови и слабата изградба ја туркаат
    земјата кон сè поголем социјален притисок

Пронаоѓањето стан за изнајмување во Германија станува сè потешка и поскапа задача. Новите податоци покажуваат дека цените на кириите растат со темпо што далеку ги надминува примањата на граѓаните, создавајќи сериозен јаз меѓу приходите и трошоците за домување.
Според најновиот извештај на порталот за недвижности „Имовелт“ (Immowelt), рекламираните кирии во најголемите германски градови во последните три години се зголемиле речиси четири пати побрзо од реалните плати.

Платите стагнираат, кириите експлодираа

Официјалните податоци покажуваат дека во последните три години платите во Германија кумулативно пораснале за само 5,1 процент. Во истиот период, цените за изнајмување во поединечни метрополи достигнале раст и до 20 проценти.
Најголемо поскапување е регистрирано во Хамбург, каде што кириите од 2023 година досега се повисоки за 20,2 проценти. Следуваат Дрезден, со раст од 18 проценти, и Франкфурт на Мајна, со 17,7 проценти.
Истовремено, растот повеќе не е ограничен само на традиционално скапите градови. Аналитичарите предупредуваат дека истиот тренд ги зафаќа и таканаречените секундарни пазари, кои долго време се сметаа за попристапна алтернатива. Така, кириите во Дуизбург се повисоки за 16 проценти, а во Есен за 15,4 проценти.

Минхен останува најскапиот град

И покрај поскапувањата во целата земја, Минхен и натаму е убедливо најскапиот германски град за изнајмување стан. Просечната рекламирана „студена кирија“ (Kaltmiete), која ја опфаќа само цената на просторот без комунални трошоци, достигна рекордни 21,44 евра за квадратен метар.
Тоа значи дека изнајмувањето просечен стан од 75 квадратни метри денес чини околу 218 евра повеќе месечно отколку пред три години.
Значителни скокови на месечните трошоци се бележат и во Франкфурт, каде што киријата е повисока за околу 190 евра, како и во Хамбург, каде што месечниот товар е зголемен за приближно 175 евра.

Домувањето во Берлин станува политичко прашање

Иако Берлин бележи нешто помал раст на кириите во споредба со другите големи германски градови – 11,9 проценти – состојбата и таму станува сè поалармантна.
Просечната цена за изнајмување достигна 14,39 евра за квадратен метар, а бидејќи просечните плати во германската престолнина остануваат под федералниот просек, експертите предупредуваат дека сè повеќе семејства се соочуваат со ризик трошоците за домување директно да го загрозат нивниот егзистенцијален минимум.
Кризата со домувањето во Берлин е исто така алармантна и стана политичко прашање пред изборите за Претставничкиот дом за три месеци. Иако цените за изнајмување во главниот град растеа побавно во споредба со другите метрополи (11,9 проценти), просечната цена по квадратен метар достигна 14,39 евра. Бидејќи просечните плати во Берлин се под федералниот просек, експертите предупредуваат дека овој скок на цените директно го загрозува егзистенцијалниот минимум на повеќето домаќинства.

Недостигот од нови станови ја продлабочува кризата

Една од главните причини за постојаниот раст на кириите е хроничниот недостиг од нови станбени единици. Градежниот сектор во Германија се соочува со сериозни предизвици – високите цени на градежните материјали, зголемените каматни стапки и долгите административни процедури значително ја намалија изградбата на нови станови.
Во текот на 2025 година во Германија биле завршени само 206.600 нови стана, што претставува пад од 18 проценти во однос на претходната година и историски минимум.
Со тоа земјата останува далеку под официјалната цел на федералната влада, која предвидува изградба на 400.000 нови станбени единици годишно.

Повеќе од половина од платата оди за покрив над глава

Во германскиот систем постојат два вида кирија. „Студената кирија“ (Kaltmiete) ја претставува исклучиво цената за користење на станбениот простор, додека „топлата кирија“ (Warmmiete) ги вклучува и трошоците за греење и другите комунални услуги, односно конечната месечна сметка што ја плаќа закупецот.
Според податоците на Федералниот завод за статистика, просечната нето-плата во Германија изнесува меѓу 2.600 и 2.800 евра месечно.
Тоа значи дека во најголемите германски метрополи трошоците за домување веќе апсорбираат повеќе од половина од просечниот месечен приход, што дополнително ја продлабочува кризата на достапното домување и ја става под прашање финансиската стабилност на голем број домаќинства.

Aвтор: Доне Прентоски, наш дописник од Германија