Најмалку пет лица загинаа во силното невреме што го погоди југоисточниот дел на Бразил, јавуваат локалните медиуми. Бурата, проследена со ветрови посилни од 100 километри на час, предизвика голема материјална штета во Рио де Жанеиро, Сао Паоло и во други градови.
Невремето корнеше дрвја, откорнуваше покриви од куќи и уриваше ѕидови, а во повеќе региони беа регистрирани и големи прекини во снабдувањето со електрична енергија.
Бурата, која се формирала под влијание на студен фронт над Атлантскиот Океан, сериозно го наруши и сообраќајот. Прекината беше работата на метрото и пристаништето во Рио де Жанеиро, како и полетувањата и слетувањата на домашниот аеродром „Сантос Думонт“.
Видео снимки објавени на социјалните мрежи покажуваат како силните налети на ветер нишаат кабина на жичарница, градежно скеле и чамци на море.
Според порталот „G1“, повикувајќи се на противпожарната служба, во Рио де Жанеиро две лица загинале при уривање на ѕид, а еден рибар се води како исчезнат.
Во Сао Паоло, телевизијата „Си-ен-ен Бразил““ објави дека две лица ги загубиле животите откако врз нив паднале дрвја, додека уште едно лице загинало при превртување на брод.
































