КОШАРКА – ЕП ЗА ЈУНИОРИ, ДИВИЗИЈА Б
- Јуниорската репрезентација славеше на дуелот со Шведска со 69-60, а по еден ден пауза ги продолжува настапите за пласман
Машката јуниорска репрезентација на Македонија, за кошаркари до 18 години, ја забележа првата победа на младинското Европско првенство (ЕП), дивизијата Б, кое се игра во Хрватска, откако во директниот натпревар за четвртото место во групата Д ја совлада селекцијата на Шведска со 69-60 (18-21, 12-10, 20-12, 19-17).
Од оваа група вчера попладне играа Грузија и Унгарија, а репрезентацијата на БиХ беше слободна. Сите три селекции имаа по шест бода. Македонија претходно ги загуби дуелите од Грузија (66-83), БиХ (75-86) и од Унгарија (63-86). Капитенот Григориј Ѓорѓевиќ беше најефикасен на дуелот со Шведска, со 17 поени, на кои придодаде и 11 асистенции, осум скока, три украдени топки…
По еден ден пауза, Македонија ги продолжува настапите на ова Европско првенство дивизија Б, на кое настапуваат 22 репрезентации, а ќе игра за пласман од деветтото до 16. место.
Селекциите се поделени во четири групи. Првопласираните две репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман во четврт-финалето, од каде што ќе се бараат идните учесници на Европското првенство во дивизијата А, во оваа возрасна категорија. Г.И.
































