Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски, денеска одржа работна средба со претставници на словенечката инженерска и технолошка компанија ИНЕА од Љубљана, на која беа разгледани можностите за нова инвестиција во земјава, пренесе МИА.
Според информациите од Дирекцијата за ТИРЗ, компанијата ја разгледува можноста за инвестиција вредна најмалку 15 милиони евра, која би донела отворање на минимум 100 нови работни места.
На состанокот Димовски ги презентирал условите што ги нудат технолошко-индустриските развојни зони, нагласувајќи ги стратешката локација на државата, современата инфраструктура, квалификуваната работна сила и мерките за државна поддршка на странските инвеститори. Тој истакнал дека Дирекцијата за ТИРЗ обезбедува институционална поддршка во сите фази од инвестицискиот процес – од првичните разговори до реализацијата и понатамошниот развој на проектите.
Генералниот директор на ИНЕА, Алесандро Лупис, изразил задоволство од средбата и најавил продолжување на разговорите за потенцијалната инвестиција. Тој ги претставил активностите и проектите на компанијата, како и нејзиното долгогодишно искуство во развојот на современи инженерски решенија за индустријата.
ИНЕА е специјализирана за индустриска автоматизација, роботика, дигитализација на производствени процеси и енергетски менаџмент. Компанијата има повеќе од 35 години искуство, реализирано над 3.000 проекти во повеќе од 30 држави и соработува со светски технолошки компании како Siemens, Rockwell Automation, AVEVA и Dassault Systèmes.































