Бројот на загинати во силниот земјотрес што вчера ја погоди југозападна Јапонија се искачи на најмалку 18, додека спасувачките екипи продолжуваат со потрагата по преживеани под урнатините.
Земјотресот со јачина од 7,1 степени според Рихтеровата скала ја погоди префектурата Кумамото на островот Кјушу, а локалните власти предупредуваат дека бројот на жртви може дополнително да се зголеми бидејќи сè уште има лица кои се водат како исчезнати.
Според јапонските власти, потресот достигнал интензитет Шиндо 7 – највисокото ниво на јапонската скала за сеизмички интензитет.
Јапонската премиерка Санае Такаичи изрази сочувство до семејствата на загинатите и порача дека Владата ќе ги ангажира сите расположливи ресурси за спасување на преживеаните и обезбедување помош за погодените подрачја.
– Изразувам најдлабоко сочувство до семејствата на оние што ги загубија животите. Ќе направиме сè што е потребно за да спасиме што е можно повеќе луѓе и да доставиме храна и неопходни залихи во погодените области – изјави Такаичи.
Во земјотресот се повредени најмалку 62 лица, од кои шест се во тешка состојба. Без електрична енергија останале околу 34.900 домаќинства, додека околу 15.000 се без водоснабдување. Повеќе од 8.800 жители се евакуирани и сместени во над 400 привремени засолништа.
Меѓу најтешко погодените локации е трговски центар во градот Кашима, каде што најмалку четири лица загинаа по експлозија што предизвикала уривање на дел од објектот.
Властите ја истражуваат можноста експлозијата да била предизвикана од истекување на гас, откако спасувачките екипи пријавиле мирис на гас на местото на несреќата.
Во спасувачката операција се вклучени стотици припадници на Јапонските сили за самоодбрана, пожарникари и полицајци, кои продолжуваат со пребарување на урнатините во потрага по преживеани.






























