Министерството за здравство го претстави проектот за темелна реконструкција, проширување и модернизација на Клиничката болница во Тетово, чија проценета вредност изнесува 4,56 милијарди денари, односно околу 74 милиони евра.
Министерот за здравство Сашо Клековски, заедно со заменик-министерот Јовица Андовски, директорот на Фондот за здравствено осигурување Златко Перински, градоначалникот на Тетово Билал Касами, претставници на Светска банка и Министерството за здравство, денеска ја посетија Клиничката болница во Тетово, каде со директорот Ерзен Елези беше презентиран концептот на проектот.
Според Министерството за здравство, инвестицијата опфаќа целосна реконструкција и модернизација на хируршкиот и интернистичкиот блок, изградба на нов павилјон за повеќе медицински дејности, нов објект за гинекологија, акушерство и неонатологија, набавка на современа медицинска опрема и информатички системи, како и отстранување на дотраените објекти и уредување на целиот болнички комплекс.
Конечниот финансиски модел ќе биде утврден по изработката на потребните анализи и спроведувањето на законските процедури.
Министерот Клековски оцени дека станува збор за инвестиција која ќе придонесе за подобри услови за лекување на пациентите и за работа на здравствените работници.
– Нашата цел е граѓаните од Тетово и полошкиот регион да добиваат современа и навремена здравствена услуга блиску до местото на живеење – истакна Клековски.
Според него, проектот е од особено значење за околу 251.500 жители од Полошкиот регион, бидејќи ќе овозможи поголем број здравствени услуги да се обезбедуваат локално, ќе го намали времето на чекање и ќе ја намали потребата пациентите да се упатуваат во Скопје.
Во рамки на посетата, со претставниците на Светска банка биле разгледани и следните чекори за реализација на проектот, меѓу кои изработка на физибилити студија, техничка документација, анализа на трошоците и придобивките, како и дефинирање на одржлив модел на финансирање.
Од Министерството за здравство најавија дека проектот ќе се реализира во координација со Фондот за здравствено осигурување, Општина Тетово и раководството на Клиничката болница, со цел да се обезбеди транспарентна и ефикасна реализација.
– Модерна тетовска клиничка болница значи посилно регионално здравство и поквалитетна здравствена заштита поблиску до граѓаните – порачуваат од Министерството за здравство.































