Фото: МВР / Илустрација

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против три лица осомничени за корупција поврзана со полагање стручен испит во областа на стоматологијата. Според истрагата, студентка со паричен надомест обезбедила да добие уверение за положен испит без да го поседува потребното знаење.

Од МВР информираат дека Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги на 27 јули до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднела кривична пријава против А.Т. (27) од Битола, С.Ч. (56) од Гостивар и С.Е. (63) од Скопје.

А.Т. е осомничена за кривичното дело „давање награда за противзаконито влијание“, С.Ч., професор на Стоматолошкиот факултет и поранешен потпретседател на Стоматолошката комора, за „примање награда за противзаконито влијание“, додека С.Е., претседател на Комисијата за полагање стручен испит при Министерството за здравство, е осомничен за „примање поткуп“.

При полициските претреси кај второ и третопријавениот биле пронајдени и одземени 65.280 евра, 29.840 швајцарски франци и 161.500 денари.

Според наводите на МВР, студентката во декември 2025 година, по повеќекратна комуникација преку апликацијата „Вибер“, му префрлила парични средства на професорот, со цел тој да изврши влијание врз претседателот на испитната комисија.

Како резултат на тоа, според истрагата, таа на 17 декември 2025 година го полагала стручниот испит пред формираната комисија и се стекнала со уверение за положен стручен испит, иако не го поседувала потребното знаење.

Истрагата ја води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое ќе одлучува за натамошните постапки во случајот.