Oд деца за деца
Неодамна во Ресен се одржа премиера на аматерската театарска претстава „Екологијада“, во изведба на деца што членуваат во Здружението за граѓанска иницијатива во културата „ЖАР Преспа – Ресен“.
Претставата е по текст на српската писателка Ирена Златковиќ, а во режија на м-р Даринка Веслиевска. Преводот и адаптацијата се на Сотир Чаушевски, кој ги водеше младите актери низ процесот на создавање на претставата.
Улогите ги толкуваат учениците: Антонија Пројевска, Атанасија Писовски, Михаела Наумовска, Сара Павловска, Лина Бумбароска, Христина Секуловска, Христина Илиоска, Наум Андреевски, Адем Коминовски, Диоген Ангеловски, Данаил Фузевски и Михаил Туџаровски.
– На сцената не видовме само прекрасни млади актери. Видовме храброст, љубов, посветеност и една силна порака, дека децата не се само иднината туку и сегашноста и вистински носители на промените. Нашето здружение верува дека културата има моќ да менува. Не само преку уметноста, туку преку вредностите што ги создава кај луѓето. Не ја користиме културата за да зборуваме за екологијата. Ја користиме културата за да создадеме еколошка култура кај луѓето – рече Даринка Веслиевска, организаторка на настанот и режисерка на претставата.
Всушност, претставата е почеток на една поголема идеја, која опфаќа театар, музика, литература и ликовна уметност во насока на создавање еколошки свесни генерации што ќе ја чуваат и почитуваат природата.
– Кога детето ќе научи да ја сака природата преку уметноста, таа љубов станува дел од неговата култура на живеење – порачуваат организаторите. Ф.Д.
































