Поширокиот регион на Олимп, највисоката планина во Грција, од денеска официјално е впишан на Листата на светско наследство на УНЕСКО, по едногласната одлука на Комитетот за светско наследство донесена на 48. сесија што се одржува во Јужна Кореја.
Одлуката претставува едно од највисоките меѓународни признанија во областа на заштитата на културното и природното наследство, со кое се потврдува исклучителната универзална вредност на Олимп, соопштија грчките министерства за култура и за животна средина и енергетика.
Олимп е впишан како мешано светско наследство, една од најсложените категории на УНЕСКО, бидејќи локалитетот истовремено мора да поседува исклучителни природни и културни вредности.
Со ова впишување, Грција сега има 21 локалитет на Листата на светско наследство на УНЕСКО, а Олимп е третото подрачје во категоријата мешано наследство, покрај Метеора и Света Гора.
Според грчките власти, Олимп претставува едно од најзначајните подрачја за зачувување на биолошката разновидност во Европа. Планината, висока 2.918 метри, е дом на 1.983 таксони, што претставува повеќе од една четвртина од целокупната флора во Грција. Нејзината близина до Егејското Море, големата висинска разлика, специфичниот релјеф и улогата на глацијално прибежиште придонеле за исклучителното природно богатство.
Покрај природното значење, Олимп има и огромна културна и историска вредност. Во античката грчка митологија се смета за дом на дванаесетте олимписки богови, поради што со векови претставува еден од најпрепознатливите симболи на грчката култура и светското културно наследство.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ја поздрави одлуката, оценувајќи ја како „национален успех од огромно значење“.
„Митскиот Олимп станува планина на целото човештво, која треба засекогаш да биде заштитена. Оваа одлука не само што повторно ја става Грција во центарот на меѓународното внимание, туку ја потврдува и нашата посветеност на зачувувањето на природното и културното наследство. Воедно, отвора нови можности за развој на целиот регион околу овој уникатен биотоп“, напиша Мицотакис на Фејсбук.
Министерката за култура Лина Мендони оцени дека впишувањето на Олимп е признание за долгогодишната заложба на Грција за заштита и одржливо управување со културното и природното наследство, во согласност со принципите на Конвенцијата за светско наследство на УНЕСКО.
Министерот за животна средина и енергетика Ставрос Папаставру потсети дека Олимп бил прогласен за прв национален парк на Грција уште во 1938 година. Денес претставува живеалиште на ретки видови грабливи птици и повеќе од 1.900 растителни видови, од кои 27 се ендемски и растат исклучиво на Олимп.
































