Фото: Пиксабеј

Телата на двајца планинари од Босна и Херцеговина се пронајдени на планината Елбрус, додека спасувачките екипи и понатаму трагаат по уште тројца членови на експедицијата. Поради исклучително неповолните временски услови, се стравува дека и тие ги загубиле животите.

Руското Министерство за вонредни ситуации соопшти дека двајца членови на седумчлената планинарска група се спасени и медицински згрижени.

Според информациите, експедицијата од Босна и Херцеговина била зафатена од силна снежна бура за време на искачувањето кон врвот на Елбрус. Еден од планинарите успеал самостојно да се спушти и да повика помош, додека вториот бил пронајден и евакуиран од спасувачките служби.

Телата на двајцата загинати се лоцирани на надморска височина од околу 5.350 метри, но засега не можат да бидат извлечени поради силниот ветер, слабата видливост и екстремно неповолните временски услови.

Спасувачката акција продолжува, а во тек е потрага по уште тројца исчезнати планинари, чија судбина сè уште не е позната.

Руското Министерство за вонредни ситуации објави и видео од Елбрус, на кое се гледаат исклучително тешките услови во кои работат спасувачките екипи.

Претседателката на Планинарско-спортското друштво „Златен крин“ од Сараево, Памела Бејдиќ, чиј тим вчера безбедно се спуштил од Елбрус, за „Дневни аваз“ изјавила дека планината не претставува голем технички предизвик за искусните планинари, но предупредила дека најголемата опасност доаѓа од ненадејните промени на времето, силните ветрови и наглиот пад на температурите.

Елбрус, кој се наоѓа во масивот Кавказ, со својот западен врв висок 5.642 метри, се смета за највисоката планина во Европа.