Фото: ЕПА

Македонија не е меѓу земјите на кои Соединетите Американски Држави им воведоа дополнителни царински давачки, но тоа не значи дека трговијата со САД се одвива без царини, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, пренесе МИА.

Одговарајќи на новинарско прашање за изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека царините кон САД се нула додека траат преговорите, Мицкоски рече дека е потребно да се направи разлика меѓу редовните царински давачки и дополнителните царини што Вашингтон ги воведе за дел од земјите.

-И ние сме во групата држави кои не добија дополнителни царини, но тоа не значи дека тргуваме со САД без царини. Сакам тоа да биде јасно. До април 2025 година царините беа во согласност со правилата на Светската трговска организација, како што беше случај и со Србија и со останатите земји. Потоа беа воведени дополнителни тарифи, при што Македонија беше опфатена со стапка од 33 проценти – изјави Мицкоски.

Тој потсети дека по преговорите меѓу македонските институции и американскиот трговски оддел, дополнителната царинска стапка била намалена од 33 на 15 проценти.

-Во август 2025 година постигнавме договор дополнителните тарифи да се намалат од 33 на 15 проценти. Потоа, во февруари 2026 година, Врховниот суд на САД ги укина тие тарифи, по што беше воведен трговски додаток од 10 проценти за сите земји во светот. Ние не сме меѓу 60-те држави на кои им се воведени дополнителни обврски, но тоа не значи дека немаме царини. Истото важи и за Србија и за другите земји што не се на таа листа – рече премиерот.

Мицкоски нагласи дека Владата ја цени соработката со Соединетите Американски Држави и очекува таа да продолжи да се развива во духот на стратешкото партнерство.

-Ние ги цениме односите со САД како наш стратешки партнер и сметаме дека конечно можеме да соработуваме онака како што доликува на две партнерски држави. Не правиме естрада од тоа, туку водиме нормална и одговорна политика – изјави Мицкоски.