Фото: МВР

Осум лица се лишени од слобода во текот на изминатото деноноќие во одделни полициски акции спроведени во Скопје и Тетовско, откако кај нив била пронајдена дрога, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Според информациите од МВР, во периодот меѓу 25 и 26 јули, полициски службеници од СВР Скопје на повеќе локации во главниот град ги привеле Ј.Ч. (47), А.Б. (19), Ф.Р. (27), Н.К. (19), М.О. (26), сите од Скопје, како и В.М. (35) од селото Морани, скопско. При извршените контроли кај нив биле пронајдени и одземени кафеава прашкаста материја, бела прашкаста материја и марихуана.

Во одделен случај, на 26 јули околу 1:45 часот, во селото Камењане кај Тетово, полициски службеници од Полициското одделение Камењане ги лишиле од слобода Б.И. (21) и О.М. (18), двајцата од Тетово, откако кај нив биле пронајдени бела прашкаста материја и марихуана.

Приведените биле задржани во полициска станица, а по целосното документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави, информираат од МВР.