Фото: МИА

Водата од водоводната мрежа во Гостивар во моментов е неисправна и за пиење и за техничка употреба, покажуваат анализите на Институтот за јавно здравје. Надлежните институции апелираат граѓаните до понатамошно известување воопшто да не ја користат водата од градскиот водовод.

Ова било една од главните теми на денешната седница на Главниот штаб при Центарот за управување со кризи (ЦУК), со која претседавал министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

На седницата биле разгледани информациите за состојбата со водоснабдувањето во Гостивар, по што биле донесени повеќе мерки за заштита на здравјето на населението.

Главниот штаб ја задолжил Општина Гостивар итно да предложи локации и контакт-лица за поставување пунктови за дистрибуција на техничка вода за објектите од витално значење.

Во меѓувреме, Институтот за јавно здравје, ЈП „Водовод“ – Скопје и Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжат со засилени теренски анализи на квалитетот на водата, а резултатите редовно ќе ги доставуваат до Главниот штаб.

Од ЦУК информираат дека Армијата на Република Македонија ги ставила во приправност двете цистерни за дистрибуција на техничка вода, кои ќе бидат ангажирани доколку се процени дека има потреба.

Дополнителна поддршка ќе обезбедат и општините Куманово, Тетово, Дебар, Кичево, Кавадарци и Неготино, кои ќе испратат сопствени цистерни со техничка вода за потребите на граѓаните на Гостивар, на однапред утврдени пунктови.

Во согласност со владината одлука, Службата за општи и заеднички работи ќе продолжи со дистрибуција на вода за пиење до жителите на Гостивар.

Центарот за управување со кризи ги повика граѓаните строго да ги почитуваат препораките на надлежните институции и редовно да ги следат официјалните информации за понатамошниот развој на состојбата.