Водата од градскиот водовод во Валандово привремено не е безбедна за пиење поради утврдено зголемено ниво на арсен, соопшти ЈП „Комунален сервис“ – Валандово.
Според јавното претпријатие, присуството на арсен било констатирано во резултатите од анализите извршени од Институтот за јавно здравје – Скопје.
Поради тоа, на граѓаните им се препорачува до понатамошно известување да не ја користат водата од градскиот водовод за пиење. Водата може да се употребува исклучиво како техничка вода.
Од ЈП „Комунален сервис“ информираат дека веќе се преземаат сите неопходни мерки, а во соработка со надлежните институции се спроведуваат дополнителни анализи и контроли на квалитетот на водата.
Од претпријатието најавуваат дека јавноста ќе биде навремено информирана за резултатите од новите анализи и за моментот кога водата повторно ќе биде безбедна за пиење.
Во меѓувреме, апелираат граѓаните доследно да ги почитуваат препораките и да не ја користат водата за пиење сè до официјална потврда дека е исправна.
































