Екипите на Општина Центар работеа до доцна во ноќта на расчистување на последиците од силното невреме што ја зафати општината. Веднаш по невремето беше свикан итен состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување, по што сите расположливи служби беа упатени на терен и започнаа со интервенции на најкритичните локации, соопшти градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.
Како што информираше тој, во текот на ноќта биле расчистени повеќе локации во Капиштец, Дебар Маало, населба Пролет и потегот кај Соборниот храм, а екипите интервенирале и во Буњаковец, како и на други места каде што беа пријавени паднати дрвја, оштетувања и опасности за безбедноста на граѓаните.
– Работевме до доцна во ноќта и уште од раните утрински часови повторно сме на терен. Приоритет ни е да ги отстраниме сите опасности и што побрзо да ја нормализираме состојбата. Благодарам на сите служби за нивната пожртвуваност и на граѓаните за разбирањето, трпението и навремените пријави – изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар и понатаму ги повикува граѓаните да пријавуваат кризни локации, паднати дрвја, оштетувања на инфраструктурата или каква било ситуација што може да ја загрози безбедноста на следните телефонски броеви: 075 219 068 и 076 350 767.
– Воедно, апелираме до граѓаните, онаму каде што имаат можност, да помогнат во расчистување на своите дворови и просторот пред своите домови, со цел побрзо нормализирање на состојбата. Екипите на Општина Центар и денес продолжуваат со интензивни активности на терен и ќе интервенираат согласно приоритетите и пристигнатите пријави, сè до целосно санирање на последиците од невремето – велат од Центар.



































