Мерки за ублажување на последиците
од растот на цените на нафтата
Намалувањето на акцизите на бензините и дизел-горивото со одлука на Владата има цел да се ублажат последиците од растот на цените на нафтените деривати на светските пазари и да се заштити животниот стандард на граѓаните. Според владините пресметки, мерката треба да придонесе за помало поскапување на горивата во однос на цените што би се формирале без интервенцијата.
– Во изминатиот период е евидентен висок просек на котациите на суровата нафта и нафтените деривати на светските пазари. Владата континуирано ја следи состојбата, врши дневни анализи на движењата и останува целосно посветена на преземање навремени и активни мерки со кои ќе се ублажи притисокот врз граѓаните и стопанството – стои во соопштението од Владата.
Со донесената одлука за намалување на акцизите, како што дополнуваат, се овозможува да се амортизира дел од ценовниот раст.
– Без оваа владина интервенција, во согласност со пресметките на Владата, малопродажната цена на бензините би се зголемила за околу четири денари по литар, додека со мерката се очекува зголемување од околу три денара по литар. Кај дизел-горивото, без донесената одлука на Владата цената би се зголемила за околу осум денари по литар, додека со намалената акциза се очекува покачување од околу шест денари по литар – се наведува во владиното соопштение.
Владата очекува Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), во согласност со своите законски надлежности, да ја донесе одлуката за новите малопродажни цени на горивата, при што ефектите од владината мерка ќе придонесат граѓаните и понатаму да плаќаат пониски цени отколку што би биле без оваа интервенција.
РКЕ донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 5,88 проценти во однос на претходната одлука од 13 јули годинава. Новите цени важат од вчера на полноќ.
Најголемо поскапување има кај дизелот, чија цена се зголемува за шест денари по литар и од ноќеска на полноќ ќе се продава по 94 денари за литар. Бензините еуросупер бс-95 и еуросупер бс-98 поскапуваат за по три денари. Од 21 јули еуросупер бс-95 ќе чини 90 денари за литар, додека еуросупер бс-98 ќе се продава по 92 денари за литар.
Поскапува и екстра лесното масло за домаќинство, чија цена се зголемува за седум денари и ќе изнесува 93 денари за литар. Новата цена на мазутот М-1 НС ќе биде 45,373 денари за килограм, што претставува зголемување од 3,205 денари.
Од РКЕ информираат дека зголемувањето на цените е резултат на растот на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар, кои во однос на претходната пресметка се зголемиле кај бензините за 9,003 проценти, кај дизелот за 14,963 проценти, кај екстра лесното масло за 13,2 проценти и кај мазутот за 10,686 проценти.
Во новата пресметка е применета и одлуката на Владата за намалување на акцизата за бензините за еден денар по литар и за дизелот за два денара по литар.
Од РКЕ напоменуваат дека утврдените цени се максимални, а трговците на големо и мало можат да формираат и пониски цени за одделни нафтени деривати и горива за транспорт. Е.Р.
































