Во Трпејца започна новото издание на културно-забавното лето „На зајдисонце“ со промоција на монографијата „Петнаесет години ’На зајдисонце‘ во Трпејца“ и со настап на охридскиот женски квартет „ХармониИкс“. И за наредните денови организаторите најавуваат интересни настани: гостување на драмското студио „Цвет 75“ под уметничко раководство на Драгана Велкоска, настап на милениците на публиката Влатче Броз и диџеј Марама. Утре во претпладневните часови ќе се одржат кајак–регатата „Номче Митрески“ и малиот пливачки маратон, а вечерта од 19.30 часот се атрактивната трка со куфери по скалинадата во Трпејца и забавата под наслов „Златните ’80 и ’90“. Овој условно наречен спортски ден е поддржан и од асоцијацијата „Спорт за сите“.
Следниот ден – петок – терминот од 20.30 ч. е резервиран за документарниот филм „300 години саат-кула – чувар на времето во Охрид“ во продукција на „Охрид њуз“, а работен по сценарио и режија на Горан Момировски. Вечерта ќе следува настапот на пејачката група и оркестар на „Ѓердан од бисери“ под уметничко раководство на Татјана Узуноска–Тренеска. Ден потоа ќе бидат прогласени најдобрите фотографии од конкурсот „Трпејца сликана со мобилен“, ќе настапи танц-групата „Езерски ѕвездички“ раководена од Татјана Стојческа, а ќе биде прикажан и документарецот „Охрид, Охрид убав мил“ работен по сценарио и режија на Илија Пиперкоски.
На 26 јули, недела, во Трпејца ќе се одржи вечерта посветена на НУ библиотека „Григор Прличев“. Директорката Христина Трпеска ќе ја претстави установата пред публиката, ќе биде прикажано видеото за најстарата книга во сопственост на библиотеката „Пчињското евангелие од крајот на 16 век“, како и документарецот „Роднокрајни автори 2026“, дела на Милчо Јованоски. Претпоследниот дел од летото е резервиран за вечерта со писателката Вера М. Самарјанин и нејзините пријатели и настапот на Билјана Буџакоска-Трифуноска и Мила Тренеска обединети во дуото „Блек мун“. Честа да го затворат јубилејното „На зајдисонце“ ќе им припадне на актерката Марија Кондовска со изборот поезија „Стихови за водата, езерото, Охрид и Трпејца“, на младата флејтистка Бојана Размоска од Пештани и на фотографот Никола Павлески, со кого заедно организаторите и публиката ќе се потсетат на петнаесетте изданија на манифестацијата.