ШАХ – ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА ЗА ВЕТЕРАНИ

Осум партии и осум победи беа видени во претпоследното шесто и досега најборбено коло (во првото имаше едно реми), на првото првенство на Македонија за ветерани во шах. Водечкиот на табелата, ВМ Звонко Станојоски, ја задржа првата позиција, откако освои квалитет и по само 18 потези игра славеше на дуелот со Саравчо Петров. Неговиот најголем конкурент за титулата, ФМ Александар Кралевски, го победи Тодор Андонов, по 37 потези игра, откако, исто така, освои квалитет. Брза победа во 20 потези забележа и ФМ Димитар Качаковски против Борис Јаневски, откако остана со фигура повеќе. Во убава комбинација славеше и Миле Трајковски против Јанчо Ѓорѓевски, како и Илија Стошевски против Никола Топалов.
Во вчерашното последно коло на годинашното првенство, кое во организација на ШКВ Скопје 72, се игра во „Негорски Бањи“ во Гевгелија, за титулата се решаваше на првите две табли, каде што играа Станојоски – Трајковски и Кралевски – Качаковски. На табелата по шест кола води ВМ Станојоски 5,5 поени, пред ФМ Кралевски со пет, Трајковски и ФМ Качаковски со четири, Стошевски 3,5 итн. Резултати, 6. коло: ВМ Станојоски (2.366) – Петров (2.097) 1-0, ФМ Кралевски (2.029) – Андонов (2.054) 1-0, ФМ Качаковски (1.987) – Јаневски (1.823) 1-0, Трајковски (1.881) – Ѓорѓевски (1.789) 1-0, Топалов (1.633) – Стошевски (2.056) 0-1, Брзовски (1.709) – Наунов (2.137) 0-1, Јованџиков – Ахчиев (1.688) 1-0, ФМ Хаџи-Манев (1.965) – Ќосев 1-0, Томов (1.636) беше слободен. Г.И.