ОНЛАЈН ПАНЕЛ-ДИСКУСИЈА НА ФИДЕ
- Ефектот на социјалниот шах не доаѓа само од таблата туку од луѓето што ја користат за да создадат доверба, структура, пријателство, самодоверба и припадност, пишува ФИДЕ. „Социјалното влијание не почнува со финансирање. Почнува со некој што доволно се грижи за да го направи првиот потег“, вели Рејзнице, заменик-претседателка на Управниот одбор на ФИДЕ
На 20 јули, Меѓународниот ден на шахот и годишнината од основањето на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), Социјалната комисија на ФИДЕ организираше онлајн панел-дискусија на темата „Шахот како социјална вредност“, која ги собра на едно место креаторите на водечките социјални проекти на оваа организација. Модерирана од Андре Фогтлин, претседател на Социјалната комисија на ФИДЕ, едночасовната сесија собра гласови од бегалски кампови, училници, затвори и програми на заедницата од четири континенти околу едно единствено прашање: каква е вистинската магија на социјалниот шах?
– Луѓето што го прават тоа се највисоката вредност што ја имаме, без разлика дали станува збор за наставници, инструктори или волонтери и ентузијасти што помагаат – рече претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович, пренесе ФИДЕ.
За Дана Рејзниеце, заменик-претседателка на Управниот одбор на ФИДЕ, идејата за социјалниот шах почнала кога првпат му се приклучила на ФИДЕ и размислувала што би можела да придонесе за веќе етаблирана организација.
– Бев толку среќна што видов толку многу истомисленици и во ФИДЕ и надвор од него, кои беа подготвени да се вклучат во тоа и да развијат толку многу прекрасни проекти што можеме да ги славиме денес – рече таа.
Михаил Коренман, лидер на проектот „Шах за слобода“, идентификуваше неколку моменти. Најемотивниот се случил за време на посетата на Монголија, каде што тој се сретнал со пет жени што биле ослободени од затвор во врска со нивното учество во шаховската програма и сите пет сега се вработени.
– Тие беа полни со живот, а тоа е, верувам, директен резултат на нашата програма – рече Коренман, пишува ФИДЕ.
Ласма Кокоревича, поранешна секретарка на Социјалната комисија, ја виде промената не само кај затворениците туку и кај персоналот во затворот.
– Дојде моментот кога ги видов моите колеги на терен како од скептици се претвораат во поддржувачи и вистински верници. Тие почнаа да навиваат за нашите тимови. Тогаш сфатив дека шахот има таква моќ – рече Ласма.
Анастасија Сорокина, лидерка на проектот на ФИДЕ „Шах за заштита“, го проследи проектот „Безграничен шах“ од неговото потекло до неговото усвојување како проект на ФИДЕ во 2021 година, сеќавајќи се на девојче во аутистичниот спектар, кое, по половина година во програмата, почна да се смее и да ги именува фигурите, пишува ФИДЕ.
– Преку социјалниот шах даваме надеж и им даваме поддршка на луѓето што се во тешка ситуација – изјави Сорокина.
Дискусијата заврши со заедничка порака што се протегаше низ проекти во многу различни делови од светот. Ефектот на социјалниот шах не доаѓа само од таблата туку од луѓето што ја користат за да создадат доверба, структура, пријателство, самодоверба и припадност. Како што рече Рејзнице: „Социјалното влијание не почнува со финансирање. Почнува со некој што доволно се грижи за да го направи првиот потег“, пишува ФИДЕ.
Во Македонија, одбележувањето на Меѓународниот ден на шахот се случи на повеќе места, а едно од нив беше и Паркот на шахот во Кисела Вода во Скопје, преку симултанка на отворено заедно со шаховската академија „Данчевски“. Г.И.
































