- Една дефиниција објаснува што значи дипломатски ќор-сокак: тоа е состојба во меѓународните односи во која две или повеќе држави водат преговори или се во спор, но не можат да најдат решение, а ниту една страна не сака да попушти. Оваа ситуација често води до целосен прекин на комуникацијата или до замрзнат конфликт
- Сите услови се исполнети за вакво тврдење. Софија и Скопје се во замрзнат конфликт. Несреќата е поголема затоа што за ваквата состојба голем дел од вината ја има токму Европската комисија. Во период на големи неизвесности, кога се засилуваат воените конфликти не толку далеку од нас, алатката што може да ги извлече двете земји од ваквата опасна состојба е дипломатијата. И тоа во засилена дипломатија со силен кредибилен посредник. Кипарскиот случај го потврдува токму тоа
Оптимизмот за Македонија и за другите земји кандидатки за членство во Европската Унија од Западен Балкан е оправдан затоа што се очекува повеќето земји да влезат на побрза лента за напредок кон членство во Унијата. Волшебното стапче, ако се покажа ефикасно, ќе значи дека се блокирани сите можни вета во моментов и дека Македонија, Црна Гора, Србија и Албанија се ставаат во еден пакет, кој брзо ќе им донесе на земјите некакво членство во ЕУ. Подвлекуваме – некакво, затоа што во моментов не се знае што точно значи тоа. Неизвесно е и дали предлогот Макрон-Мерц за блокирање на ветата со давање статус на членство со ограничени права е извесен. Поделбите во ЕУ се големи – на една страна се земјите од Бенелукс плус Франција и Германија, кои се за воведување пробно членство. Од друга страна се наоѓа друга група земји предводени од Италија и Данска, кои се против тоа и се залагаат за принципот на рамноправност. Разлики што изгледаат како длабок и непрооден кањон околу Брисел. Доколку не се уништи во овој момент правото на вето се знае – проширување во блиска иднина нема да има. Има толку вета што тоа е јасно.
ВЕТОТО КАКО ДИПЛОМАТСКА ИНФЕКЦИЈА
Македонија е типичен пример за тоа што значи кога една земја има право на вето. Тоа на свој грб го трпеше со години од страна на Грција, која стави вето и на членството во НАТО и за во ЕУ, а главна причина беше името на државата, кое по дипломатски патишта во ООН го наметна како безбедносен проблем. Денес оваа дипломатска инфекција ја шири Бугарија и бара од Македонија да признае дека е измислена држава и нација, демек творба на Коминтерната, дека нема свој јазик туку дијалект на бугарскиот, дека нема Македонци… и нема своја историја. Сите овие наведени барања, кои некако станале дел од рамката за преговори во Брисел, апсолутно немаат никаква поврзаност со критериумите од Копенхаген. Но Брисел си ја тера својата работа штитејќи ја членката на Унијата – Бугарија. Солидарност на дело. И вака се создава нов конфликт или сега таканаречен замрзнат конфликт. Тоа покажува дека нивото на односите меѓу Софија и Скопје е незадоволително, а понекогаш и дека има заострени односи со жестока реторика и дека двете земји се наоѓаат во дипломатски ќор-сокак. Проблемот е дополнително потежок затоа што клучната страна за ваквата состојба е токму Европската Унија, односно нејзината Европска комисија. Нема да навлегуваме за проблемите што ги имаат другите кандидатки, а и тие имаат што да кажат на оваа тема. На сите над глава им висат вета, па затоа во бриселскиот дипломатски речник постои и зборот ветократија.
БРИСЕЛ ЗАИНТЕРЕСИРАН ДА ПОСРЕДУВА ЗА КИПАР, НЕ И ЗА МАКЕДОНИЈА
Една дефиниција објаснува што значи дипломатски ќор-сокак: тоа е состојба во меѓународните односи во која две или повеќе држави водат преговори или се во спор, но не можат да најдат решение, а ниту една страна не сака да попушти. Оваа ситуација често води до целосен прекин на комуникацијата или до замрзнат конфликт.
Неколку клучни и познати примери за дипломатски ќор-сокак ги вклучуваат прашањето за реунификација на двете Кореи или нуклеарната програма на Северна Кореја, потоа израелско-палестинскиот мировен процес, а секако и реунификацијата на Кипар. И тука ќе запреме за да обрнеме внимание што се случува сега со Кипар, кој е поделен остров и држава од 1974 година по легитимната воена интервенција на Турција за да го заштити турското население од грчката воена хунта, која планираше да го анектира Кипар кон Грција.
Неодамна Брисел го назначи Рафаеле Фито за специјален претставник на Европската комисија за обновени разговори за решавање на кипарскиот спор, потег со кој Брисел покажува дека сака да има голема политичка улога во најдолготрајниот замрзнат конфликт во Европа. Турција не дала согласност за ова, но тимот на Урсула фон дер Лајен проценил дека сега е моментот да се интервенира. Да потсетиме дека на почетокот на војната меѓу САД и Иран токму на Кипар се истоварија големи сили. Зошто? Не добивме јасни одговори, но процесот еве се развива. Процесот за реунификација на Кипар се одвива под покровителство на ООН, но видливото дипломатско учество во овој момент на ЕУ испраќа сигнали дека можеби е време да се одмрзне еден стар конфликт, но и да ѝ се дадат извесни признанија, па и одредени концесии и на Турција, која е под блокада за воена помош од програмата САФЕ. Блокаторот е Кипар. Дали во заднина Атина влече конци? Можно е, но нема јасни индикации во моментов.
СОФИЈА ИГРА ТВРДО И ОДБИВА ПОСРЕДНИШТВО
За Македонија е битно да ги следи овие потези, затоа што е очигледно дека кога сака, Брисел може да ги искористи своите инструменти што ги има на располагање. Клучниот инструмент е дипломатијата. Зошто Брисел не сака да стане посредник во македонско-бугарскиот дипломатски спор, иако може да го направи тоа? Веројатно смета дека е доволно што постои рамка за преговори, која Македонија мора да ја исполни и дека во моментов може да се смета дека и поради неусогласеноста дома Македонија ќе попушти на бугарските барања. Сепак, македонската влада не дава сигнали за такво нешто и ете добивме сериозен замрзнат конфликт. Од наши извори имаме сигурна информација дека по дипломатски пат, и тоа директно на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, му е сугерирано да пренесе порака во Софија дека сме согласни за дијалог со посредник од ЕУ. На ова Кошта се согласил и тој им го пренел тоа на своите соговорници во Софија. Одговорот што го добил Кошта е – Бугарија не сака никакви посредници.
Но во состојба на дипломатски ќор-сокак, ваквите аргументи не се прифаќаат и се настојува секоја од страните да се притиска за да се отвори дијалог. Суштината на тој дипломатски дијалог би била да се лоцираат сите прашања што ги засегаат односите меѓу двете земји и да се најде решение за најгорливите прашања. Сведоци сме дека обидот за правно толкување на вториот протокол, предложен од известувачот Томас Вајц, беше дочекан на нож од Бугарија. Таа веднаш одговори со дипломатска контраофанзива и испрати нонпејпер во кој јасно става до знаење дека, поради актуелните позиции, ќе ја блокира Македонија секаде каде што може. Во ЕУ тоа го може, извесно е блокирање на фондовски средства, а блокада стави и на македонската амбиција да стане придружна членка на Иницијативата на трите мориња.
Ова е копија на грчката стратегија од пред десетина години, во тоа немаме дилеми. Да заклучиме дека во овој момент на сцена има бугарско вето, кое Софија го нарекува европско, и отворена дипломатска војна што создава дипломатски ќор-сокак и замрзнат конфликт во еден невралгичен регион, особено сега со разгорување на руско-украинската војна и со интензитетот на воените дејствија во Иран и на Блискиот Исток. Дополнително проблемот станува уште посериозен затоа што се очекуваат потреси со најавеното протерување на илјадници нелегални имигранти од Европа. Во вакви околности земјите, особено соседите, треба да соработуваат, и тоа во духот на меѓусебна доверба, а не да поставуваат пречки. Вакви проблеми се решаваат со засилени дипломатски активности. Другиот пат не е посакуван и него обично го водат генерали.
Македонските интелектуалци одамна ги удрија камбаните
Група од стотина македонски интелектуалци, многу од нив познати историчари, во 2024 година упатија писмо до земјите членки на ЕУ, до САД и до широката светска јавност за да го свртат вниманието на бугарските политики кон Македонија. Тие предупредија дека дури и во 21 век, во време на широко признаени човекови права и слободи, „македонското прашање“ сè уште е прашање и во фокусот на Европската Унија и на САД. Доказ за тоа е воспоставената преговарачка рамка за Македонија. Како членка на Унијата и широко поддржана од Брисел, Бугарија бескрупулозно ги блокира обидите за членство на Македонија.
„Бугарската држава го негира постоењето на македонскиот народ и македонскиот јазик, историја, култура… Тие го негираат македонскиот национален идентитет. Оваа бугарска национална стратегија доаѓа до израз како никогаш досега. Развиен е во бугарските квазинаучни кругови, предводени од БАН (Бугарска академија на науките). Тоа е најшироко поддржано од сите политички фактори во оваа земја. Оваа таканаречена ’Бугарска национална доктрина‘ претставува латентен генератор на нестабилност, не само на Балканот туку и во цела Европа. Нивната неспорна цел е бугаризација на Македонците, што е невозможна мисија… Бугарија ја користи Унијата како алатка за исполнување на нејзините шовинистички доктрини, според кои Македонците треба да бидат збришани како посебна нација“, предупредија интелектуалците. Х.И.
































