ФУДБАЛ – ТРИУМФ НА СП 2026
- Со најновиот успех, Шпанија ја продолжува извонредната доминација во фудбал за мажи и за жени, откако е првата земја што истовремено е победник на светско првенство во машка и во женска конкуренција, пишува „Би-би-си“
Шпанија го направи тоа повторно. Откако ја освои европската титула пред две години во Берлин, фудбалската репрезентација на Шпанија е светски шампиони по победата во финалето во Њу Џерси (САД), во неделата, на годинашното Светско првенство (СП) на дуелот со Аргентина, со 1-0 и го постигна истиот подвиг како во 2010 година, кога ја освои светската титула две години по освојувањето на европската. Со најновиот успех, Шпанија ја продолжува извонредната доминација во фудбал за мажи и за жени, откако е првата земја што истовремено е победник на светско првенство во машка и во женска конкуренција, пишува „Би-би-си“. Шпанија ја освои титулата за фудбалери во неделата, а во 2023 година Шпанија ја победи Англија во финалето на Светското првенство за жени, во Сиднеј.
Шпанија – машина за титули
Тоа не е сѐ. Мажите ги освоија Лигата на нациите во 2023 година и златото на Летните олимписки игри во 2024 година, а жените ја освоија Лигата на нациите и во 2024 и во 2025 година. Вкупно, во претходните пет години Шпанија освои неверојатни 16 светски и европски титули од категориите до 17 години до сениорско ниво, пишува „Би-би-си“.
– Тоа е доминација. Тоа е како совршена бура. Ги правиме работите на одреден начин. Сите веруваат во тоа. Важно е да не застанеме. Тоа е уште еден Еверест затоа што мажите го освоија Светското првенство во 2010 година две години по освојувањето на Европското првенство. Сега го направивме тоа повторно – изјави за „Би-би-си“ шпанскиот фудбалски експерт Гилем Балаге.
Кога Шпанија го назначи Луис де ла Фуенте за селектор во декември 2022 година, малкумина очекуваа дека ќе ги освои Лигата на нациите (2023 г.), Европското првенство (2024 г.) и Светското првенство (2026 г.) за толку краток временски период, пишува „Би-би-си“.
– Тие се одлучија за Де ла Фуенте, кој ги разбираше стилот и системот. Тоа беше многу ризична одлука, не мислам дека некој помисли дека ќе биде толку успешен – рече Балаге.
Де ла Фуенте ја презеде одговорноста за Шпанија без да води голем клуб. По пензионирањето како играч во 1994 година, Де ла Фуенте помина 15 години на различни улоги со низа различни клубови, вклучувајќи менаџерство во пониските шпански лиги, младински улоги и позиции на помошник-тренер, пред да ја преземе одговорноста за младинските селекции на Шпанија.
– Де ла Фуенте ги познаваше повеќето од овие играчи од академиите и тие растат како тим. Ова не е само тим за сегашноста туку и тим за иднината – изјави поранешниот шпански играч од средниот ред Хуан Мата за „Би-би-си“.
Откако беше назначен за селектор на сениорите, по престоите како кормилар на селекциите до 19 години, до 21 година и на олимписко ниво, Де ла Фуенте имплементира култура на почитување кон своите ривали, кон процесот и бара трпение и смиреност.
– Повеќето од вас се помлади од мене и треба да го почитуваат искуството. Откако го завршивме натпреварот, имаше фудбалери што рекоа „тренеру, сега што друго има да се победи, бидејќи освоивме сѐ во сите категории“. Дојдовме до заклучок дека она што останува е следниот натпревар во септември, бидејќи овој тим е неуморен – им рече 65-годишникот на новинарите на својата прес-конференција, пренесе „Би-би-си“.
Успехот на репрезентациите и на шпанските тренери се прелеа и во клупскиот фудбал. И покрај одлуката на Пеп Гвардиола да го напушти Манчестер сити по 10 години полни со трофеи, најмалку една четвртина од менаџерите што ја почнуваат сезоната 2026/2027 во Премиер-лигата се Шпанци. Шпанија сега е непоразена на 38 натпревари по ред во сите натпреварувања, најдолгата низа досега од која било европска или јужноамериканска селекција во историјата, пишува „Би-би-си“.
Победата раѓа победа
Иднината изгледа светла, а многумина веруваат дека доминацијата на Шпанија ќе продолжи, пишува „Би-би-си“. Во Ламин Јамал и во Пау Кубарси, фудбалерите имаат два извонредни млади таленти што ја освоија својата прва титула на СП, на 19 години. Вики Лопез, која игра за женската репрезентација, е трикратна победничка на Лигата на шампионите со Барселона на истата возраст. Напаѓачот Салма Паралуело, исто така, ја претставуваше својата земја повеќе од 50 пати пред да наполни 23 години. Јамал стана третиот најмлад фудбалер што играл во финале на СП, по Бразилецот Пеле во 1958 година (17 години, 249 дена) и Италијанецот Џузепе Бергоми во 1982 година (18 години и 201 ден). Со Кубарси, Шпанија беше првата репрезентација што имаше двајца тинејџери во едно финале на светско првенство.
– Шпанија има начин на игра на кој никој во светот не докажал дека може да му се приближи. На ова Светско првенство тие се соочија само со 10 удари кон голот против нив во текот на целиот турнир – изјави поранешниот голман на Англија, Џо Харт, за „Би-би-си“.
Во меѓувреме, светскиот првак со Франција во 1998 година, Тиери Анри, за „Фокс спорт“ изјави дека Шпанија има потенцијал да доминира во годините што доаѓаат.
– Сакам да му оддадам признание на системот и на она што го воспоставија. Бидејќи Шпанија никогаш порано не победуваше на тој начин. А сега победуваат на секое ниво – рече тој, пренесе „Би-би-си“. Н.М.
ТРОФЕИТЕ НА ШПАНИЈА ОД 2022 ДО 2026 Г.
Фудбалерки (11 титули)
– сениорки: Светско првенство (2023 г.), Лига на нациите (2024, 2025)
– до 20 години: Светско првенство (2022 г.)
– до 19 години: Европско првенство (2022, 2023, 2024, 2025, 2026 г.)
– до 17 години: Светско првенство (2022 г.), Европско првенство (2024 г.)
Фудбалери (пет титули)
– сениори: Светско првенство (2026 г.); Европско првенство (2024 г.), Лига на нациите (2023 г.)
– до 23 години: златен олимписки медал (2024 г.)
– до 19 години: европско првенство (2026 г.)
Извор: „Би-би-си“
СВЕТСКИ ПРВАЦИ
Бразил 5
Италија 4
Германија 4
Аргентина 3
Уругвај 2
Франција 2
Шпанија 2
Англија 1
ФУДБАЛ – СП 2026
Јамал ги комплетира титулите на 19 години
Ламин Јамал ги комплетира титулите во меѓународниот фудбал со освојување на трофејот на Светското првенство (СП) две години откако стана европски првак со Шпанија и сега е најмладиот фудбалер, со 19 години и шест дена, што ги освоил и Светското првенство и Европското првенство, пишува „Би-би-си“. Тој и 19-годишниот соиграч од репрезентацијата, Пау Кубарси, се само четвртиот и петтиот тинејџер што почнале финале на СП и победиле, по Пеле за Бразил во 1958 година, дефанзивецот на Италија Џузепе Бергоми во 1982 година и Килијан Мбапе со Франција во 2018 година, пишува „Би-би-си“. Н.М.
Родри ја освои третата голема индивидуална награда
Новиот светски фудбалски шампион Шпанија освои и три индивидуални награди на годинашното Светско првенство (СП). Фудбалерот од средниот ред Родри е прогласен за најдобар играч на шампионатот и ја доби „Златната топка“. Тоа е трето големо индивидуално признание во неговата кариера, откако ја освои „Златната топка“ на францускиот магазин „Франс фудбал“ во 2023 година, а потоа и наградата за најдобар фудбалер на Европското првенство во 2024 година. Лионел Меси (Аргентина) ја освои „Сребрената топка“ како втор најдобар играч на СП 2026, а Килијан Мбапе (Франција) беше прогласен за добитник на „Бронзената топка“, пишува „Би-би-си“.
Унаи Симон ја освои наградата „Златна ракавица“ за најдобар голман на годинашното СП, откако прими само еден гол на осум натпревари и имаше седум меча без примен гол. Централниот бек Пау Кубарси (19) ја доби наградата за најдобар млад фудбалер на СП 2026, откако беше клучна фигура во шпанската одбрана, која прими само еден погодок на целиот турнир. Н.М.
Мбапе испиша голгетерска историја
Килијан Мбапе стана првиот фудбалер што ја освои „Златната копачка“ на две светски првенства (СП), откако стана најдобар стрелец на годинашниот Мундијал, а претходно и на СП 2022. Францускиот напаѓач постигна 10 гола, а втор на листата на стрелци на СП 2026 е Лионел Меси (Аргентина) со осум.
– Кога ќе постигнете толку многу голови на Светско првенство, тоа сигурно ве носи на сосема ново ниво. Но би претпочитал да не бидам најдобар стрелец и да играм во финалето. Добро е за моето наследство откако ќе се пензионирам, но во моментов, тоа не е она што ми е на ум – рече тој по мечот за третото место на СП 2026, пренесе „Би-би-си“.
Мбапе е само четвртиот фудбалер што на еден планетарен шампионат постигнува двоцифрен број голови. Претходно тоа го остварија Шандор Кочиш (Унгарија) со 11 погодока на СП 1954, Жист Фонтен (Франција) со 13 гола на СП 1958 и Герд Милер (Германија) со 10 гола на СП 1970.
Згора, Мбапе сега е и најдобар стрелец на сите времиња на светските првенства со 22 гола, еден повеќе од Меси. Пред СП 2026 на оваа листа водечки стрелец беше Мирослав Клосе (Германија) со 16 гола. Н.М.
Двојни круни за Руиз и за Кукуреља
Шпанскиот фудбалски репрезентативец Марк Кукуреља оствари необична двојна круна во рок од една година. Минатата година, шпанскиот бек беше дел од тимот на англискиот премиерлигаш Челси, кој го освои трофејот на клупското Светско првенство, на стадионот во Њу Џерси, а во неделата, на истиот стадион, со репрезентацијата на Шпанија стана светски првак и во натпреварување на репрезентации. Неговиот колега од репрезентацијата, Фабијан Руиз, пак, на годинашното Светско првенство се запиша на една ретка трофејна листа со освоени големи меѓународни титули во иста година. Тој со Шпанија стана светски првак, а со Пари сен Жермен неодамна стана европски клупски шампион. Само девет фудбалери настапиле за победничкиот тим во финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) и на СП во иста сезона, според Европската фудбалска унија (УЕФА). За да се најдат на ваква листа, играчите мора да имаат настапено во двете победнички финалиња, пишува УЕФА, а тоа претходно го остварија Сеп Маер, Паул Брајтнер, Ханс-Георг Шварценбек, Франц Бекенбауер, Герд Милер и Ули Хенес со Баерн и со Германија во 1974 година Кристијан Карембе со Реал Мадрид и со Франција во 1998 година, Роберто Карлос со Реал Мадрид и со Бразил во 2002 година и Рафаел Варан со Реал Мадрид и со Франција во 2018 година. Н.М.































