- Кога пред некој ден, украинскиот претседател Володимир Зеленски, пред камерите, го откорна капачето, социјалните мрежи експлодираа. Дел од корисниците се шегуваа, други го искористија моментот за критика на европските регулативи, а трети го претворија во метафора за прашањето дали Украина навистина е подготвена за членство во Европската Унија. Секако, никој сериозен не може да тврди дека едно откорнато капаче е доказ за неспособност на една држава да стане членка на ЕУ. Но симболиката е интересна токму затоа што се надоврзува на многу посуштински дилеми
Понекогаш, најмалите гестови отвораат најголеми прашања. Едно пластично капаче, откорнато од шише вода, за миг стана глобална тема. Не затоа што светот навистина се грижи за парче пластика, туку затоа што во тој симболичен чин многумина препознаа нешто многу поголемо. Односот кон правилата!
Европската Унија одамна го воведе правилото пластичните капачиња да остануваат прицврстени за шишето. За едни тоа е непотребна бирократска ситница, за други пример за доследност во спроведувањето на заедничките политики. Но суштината никогаш не беше во капачето. Суштината е во почитувањето на правилата што сите ги прифаќаат кога сакаат да бидат дел од европското семејство.
Кога пред некој ден, украинскиот претседател Володимир Зеленски, пред камерите, го откорна капачето, социјалните мрежи експлодираа. Дел од корисниците се шегуваа, други го искористија моментот за критика на европските регулативи, а трети го претворија во метафора за прашањето дали Украина навистина е подготвена за членство во Европската Унија.
Секако, никој сериозен не може да тврди дека едно откорнато капаче е доказ за неспособност на една држава да стане членка на ЕУ. Но симболиката е интересна токму затоа што се надоврзува на многу посуштински дилеми.
Европската Унија не е само географски простор, ниту политички клуб. Таа е заедница изградена врз владеење на правото, функционални институции, независно судство, борба против корупцијата, почитување на законите и јасни демократски стандарди.
Токму таму започнува вистинската дебата.
И покрај значајните реформи што Украина ги започна во последните години и напредокот што Европската комисија го нотира во одредени области, земјата и натаму се соочува со сериозни предизвици. Борбата против корупцијата останува една од клучните задачи, институционалните реформи сè уште не се завршени, а владеењето на правото е област во која Брисел континуирано бара дополнителни резултати. Воениот конфликт дополнително го усложнува функционирањето на институциите и спроведувањето на реформите.
Тоа се токму критериумите што со децении им се поставуваат и на државите од Западен Балкан.
Оттука произлегува и прашањето што сè погласно се поставува во регионот. Имено, ако критериумите се исти за сите, дали тие навистина се применуваат еднакво?
Државите од Западен Балкан со години добиваат извештаи, препораки, услови, нови услови и дополнителни барања. Секоја слабост се анализира до најситен детаљ. Секое поглавје се отвора и затвора по строги процедури.
Во случајот со Украина, впечатокот кај дел од јавноста е дека геополитиката денес има поголема тежина од строгата примена на критериумите.
Тоа не значи дека Украина не треба да стане дел од Европската Унија. Но значи дека Европската Унија мора да биде внимателна да не создаде впечаток дека постојат две категории кандидати – едни за кои правилата важат без исклучок и други за кои политичката потреба ги забрзува процедурите.
Токму затоа метафората со капачето продолжува да живее.
Не затоа што пластиката е најважниот европски проблем, туку затоа што отвора една непријатна дилема: Дали денес во Европа правилата се почитуваат затоа што се правила или затоа што така налага моменталниот политички интерес?
Ако Европската Унија сака да остане кредибилен проект, тогаш мора да покаже дека истите аршини важат за сите кандидати. И за Украина. И за земјите од Западен Балкан.
Во спротивно, нема да биде проблем откорнатото капаче.
Проблем ќе биде откорнатиот принцип на еднаквост, врз кој почива самата идеја за Европската Унија.
































