Фото: Општина Охрид

Вчера, во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, а во органзиација на одделението за култура при Општина Охрид, се одржа свеченост по повод 80 години од раѓањето на македонскиот писател, драматург, афористичар и сатиричар Иван Карадак.

Фото: Општина Охрид

Пред многубројната публика се обрати претседателот на советот на Општина Охрид, Перчо Божиноски кој најави дека наредната година ќе биде органзиран фестивал на хумор и сатира во чест на Карадак.

Свое обраќање имаше и ќерката на Иван Карадак, писателката Марта Маркоска која раскажа интересни моменти од приватниот живот на нејзиниот татко, досега непознати за јавноста.

Општина Охрид

– Името на мојот татко е Илија Маркоски, а псевдонимот по кој е познат, самиот го смислил во младоста. Имено, кога имал околу 20 години испраќал свои аформизми за списанието „Остен“ кои биле објавувани заради високиот квалитет. Но, кога уредникот одлучил во живо да го запознае авторот, видел дека се работи за дваесетгодишен млад човек. Заклучил дека толку млад човек не може да пишува толку квалитетно, па престанал да му ги објавува. Тогаш, тој одлучил да објавува под псевдонимот Иван Карадак, каде името е изведено од името на неговата сопруга, а презимето има значење „итра лисица“-раскажа Маркоска.

На настанот свечено беше откриен муралот на Иван Карадак, изработен од академската сликарка м-р Славица Танеска.

Големиот афористичар посакувал своите пензионерски денови да ги помине во Охрид, но тоа не го доживеал. Затоа симболично муралот останува во Охрид со што на еден начин ќе биде исполнета неговата желба. Токму затоа Маркоска ирзази јавна благодарност кон Танеска.

Актерот Марјан Георгиевски преку инспиративен стенд-ап перформанс, заснован на сатиричното творештво и афоризмите на Иван Карадак, уште еднаш потврди дека неговите пораки се актуелни и денес. Учениците од ОСУ „Св. Климент Охридски“ , Климент Размоски и Мила Милошеска со драмскиот перформанс „Последниот ракопис на Иван Карадак“ внесоа силна емоција и го оживеаја духот на големиот автор. На крај од настанот се обрати авторката на муралот, академскта сликарка м-р Славица Танеска, кој е дел од меморијалната поставка за него која трајно ќе ги потсетува охриѓани на неговото дело. Таа истакна дека за нејзе претставувало голема чест и одговорност да го работи муралот чиј изглед наиде на воодушевување од сите присутни.

Иван Kарадак е роден на 16 јули 1946 година во Охрид. Нарекуван е „татко на македонската современа сатира“, а најпознат е по емисијата „Хихириху“ која цели 40 години, секоја недела од 11 часот се емитуваше на првиот канал на Македонското радио. Карадак бил автор на театарските претстави: „Угоре високо – Удолу длабоко”, „Хумористична партија “, адаптацијата на текстот „Како да ја убиеш сопругата и зошто”, три новогодишни претстави за деца, првонаградената радио-драма „Мајче” и многу други. Автор е и на неколку книги меѓу кои книгата со афоризми „Коприварник”, сатиричните песни „Талкач по душата“, сатиричните песни „Записи врз водата”, куси сценарија „Лајач на месечина” и книгата афоризми „Мисли со Боцки “. Автор е и на многу телевизиски драми и серии, меѓу кои: првонаградената „Цвеќе на карпата“, познатите „”, „Алф од Ново Лисиче“, „Ало Ало “, „Агенција осамени срца”, „Балкан бенд”, „Во кафулето кај Гане”, „Црно бело во боја”, „Театарче лево ќоше”, „Битолски лакрдии” и други. Добитник на многу награди меѓу кои државната награда „Св. Климент Охридски“. Почина во Скопје на 17 декември 2017 година.  Ф.Д.