Американскиот претседател Доналд Трамп ја обвини Канада дека е одговорна за загадувањето на воздухот во делови од САД предизвикано од чадот од шумските пожари и најави дека ќе разговара со канадскиот премиер Марк Карни.
Во објава на социјалната мрежа „Трут Соушл“, Трамп оцени дека канадските власти не ги одржуваат соодветно шумите и вегетацијата, поради што чадот и загадениот воздух се пренесуваат преку границата.
-Ја сметаме Канада за одговорна за неадекватното одржување на нејзините шуми и грмушки, поради што загадениот и нездрав воздух, чиј квалитет е опасен и целосно неприфатлив, струи во САД без никаква потреба – напиша Трамп.
Тој додаде дека наскоро ќе разговара со канадскиот премиер Марк Карни за ова прашање, истакнувајќи дека трошоците од загадувањето „без одложување мора да бидат вклучени во царините“ што Канада ги плаќа во трговската размена со САД.
































