Фото: Пиксабеј

Полицијата поднесе кривична пријава против 42-годишна жена од струшко село, осомничена за кривичното дело „запуштање и малтретирање дете“, откако своите две малолетни деца ги оставала да спијат во автомобил додека била на работа.

Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека Одделението за внатрешни работи – Струга поднело кривична пријава против Н.С. поради основано сомнение за сторено кривично дело по член 201 став 1 од Кривичниот законик.

Според информациите, во вечерните часови на 8 кон 9 јуни годинава, пријавената ги оставила двете малолетни деца да преноќат во нејзиното возило, додека таа била на работното место.

По насоки на јавен обвинител, полициски службеници извршиле проверка и на земјен паркинг на улицата „Владо Малески“ во Струга ги затекнале децата како спијат во паркираниот автомобил.