Тони Наумовски е годинешниот добитник на престижната награда „Мето Јовановски“ за високо уметничко достигнување во уметноста на филмот за 2026 година, на петтото јубилејно издание на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ во Дојран.
– Секое признание значи, исполнува, мотивира, обрзува и е привилегија посебно кога тоа признание доаѓа од дома. Мето Јовановски е голем мајстор кој што играше во лига на светски шампиони. За жал никогаш немав прилика да соработувам со него но секогаш уживам, се радувам и му се воодушевувам на неговите маестрални актерски остварувања – вели Наумовски.
– Тони Наумовски е единствениот македонски актер, но и еден од малкумината балканци кои во Њујорк имаат своја кариера во театар, на филм и телевизија. Tоа што актерот го живее таму, во рајскиот голем град, не може да се раскаже, треба да се одживее, да се преживее и да се живее, секој ден, секоја секунда и секој здив со кој се дише животот и прима духот на слободата за да се прави тоа што се мечтае со отворени очи. Или да се одигра на филм.
Тој тоа го направи во прво лице еднина во „Мојот Њујорк“ каде се игра себе самиот, емигрант и лунатик. Да се биде на сцена, да се стои пред камера и да се живее шансата да се биде `„Ноќен агент“, да се биде Марко, да се биде Виктор во „Лос Кос“, да се дојде до „Крајот на играта“ како Иван Асланов, да се биде бедник и таксист „Тука денес“, да се биде Александар Леко и да ѝ се служи на „Ѓоспоѓата Министерка“ ама и Ајнштајн во „Медени ноќи“, да се верува повеќе од Олег дека „Портокалово е новото црно“, во меѓувреме да се боксува и раскажува дома на своите дека животот „Не е американски филм“, да се биде војник кој умира од живот и бара лек „На терапија“, да се биде убав, ама и да се биде со лузна на лицете, да се биде во реалноста, да се врати во минатото, да одлета во иднината и да јава во светот на бајките. Тоа се неговите животи. Не внимавајте кога живеете! Според житието на Тони Наумовски, некои животи може и да се живеат.
Како да се прочита листата на животот на актерот Тони Наумовски одигран во повеќе од осумдесет карактери, во исто толку продукции на филм и телевизија, на повеќе од десетина јазици меѓу кои и неколку продукции во Македонија, татковината на татко му која тој ќе ја открива и препознава со секое негово враќање во потрага по духот на слободата кој, барем тоа нешто, духот во Тони Наумовски е во безгранични количини. Таа магија што Тони Наумовски во карактерот на Владимир ќе ја донесе со себе во неговата, но и во приказната за Лена во македонскиот филм „Лена и Владимир“ само минатата 2025 година ќе му донесе четиринаесет награди и исто толку номинации за актерско достигнување во уметноста на филмот на повеќе од осумдесет фестивали во Европа и Америка.
Тони Наумовски е актер кој е пример за желба, посветеност и бескрајна љубов кон уметноста на филмот, актер со иста дива сила и питома страст кон триаголникот на светот во кој тој е круг во правоаголната рамка на филмот во која стоеше и Мето Јовановски. Тони Наумовски е актер што игра со филигранска точност и одмереност на раскажувач на приказни и продавач на лосиони за растење на коса. Во иста приказна и во еден карактер што само уште еднаш, и во случајот на човекот Тони Наумовски потврдува дека она што во уметноста треба да им го дадеме на другите, во професијата актерство – може да се земе единствено од себе самиот.
Тони Наумовски е уметник кој има образование и знаење за животот и уметноста, не само за филмот, дури и повеќе отколку што му треба на актер кој знае до каде сака да стигне. Ама Тони Наумовски е актер кој не сака да знае каде почнува и каде завршува тоа што го сака – наспорти тоа што го има. Тони Наумовски е уметник, ама и занаетчија со совршена техника на говор, со атлетско тело на змија во кожа на лав и со поглед на дете што секој ден го бара патот од училиште до дома, затоа што актерството во уметноста на филмот е патување кое има само една цел – да продолжи зад следниот агол, зад следната средба со себе самиот, во улогата на некој друг, во потрага по патот до дома.
Тони Наумовски е актер кој во уметноста на филмот е почеток и крајот на патувањето кое сакаме никогаш да не заврши. Тони Наумовски е актер кој раскажува и кому му раскажуваме, пред и после приказната за тоа дека соништата се остваруваат. Бескрајно му благодариме за сите овие соништа и за сите патишта на сите актери во светот на уметноста на филмот. Добро дојде дома. Добродојде во светот на вљубениците на сликите што се движат преку морињата и преку езерото – стои во соопштението на фестивалот.


































