Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја промовираше „Везилка“ – Националната фабрика за вештачка интелигенција, оценувајќи дека проектот претставува важен чекор кон развој на науката, иновациите и економијата во државата.

Според Мицкоски, „Везилка“ е почеток на процес што ќе придонесе за посилна научна заедница, поголема конкурентност на економијата и нови можности за младите генерации, пренесе МИА.

 – Ова е инвестиција во иднината, во потенцијалот на македонските научници, истражувачи, студенти и компании. Нашата цел е иднината да се гради дома, со домашен потенцијал, експертиза и визија – порача премиерот.

Проектот го координира Факултетот за компјутерски науки и инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во соработка со Министерството за дигитална трансформација. Преку партнерство со грчката фабрика за вештачка интелигенција „Pharos“, Македонија се вклучува во европскиот екосистем за развој на вештачка интелигенција.

Мицкоски истакна дека пристапот до европската инфраструктура за вештачка интелигенција и до напредни суперкомпјутерски капацитети ќе им овозможи на македонските истражувачи, компании и стартапи да развиваат конкурентни решенија на европско и глобално ниво.

Особен акцент беше ставен на развојот на македонски јазични модели и дигитални алатки на македонски јазик.

 – Во време кога новите технологии стануваат простор во кој се создава и споделува знаење, присуството на сопствениот јазик е прашање на културен континуитет, научен развој и национална самодоверба – нагласи премиерот.

Тој оцени дека развојот на вештачката интелигенција веќе создава нови економски модели, отвора нови индустрии и поставува нови стандарди за конкурентност, поради што способноста на државите да генерираат знаење и иновации станува клучен фактор за долгорочен развој.

Според Мицкоски, една од најголемите вредности на „Везилка“ е заедничката визија на Владата, академската заедница и Европската Унија, кои преку партнерство ги обединуваат знаењето, ресурсите и искуството за создавање современа и иновативна држава.

„Везилка“ е воспоставена во рамки на Европската заедница за пресметување со високи перформанси (EuroHPC JU) и е кофинансирана од Европската Унија преку програмата „Хоризонт Европа“.

Во рамки на промоцијата беше најавена и панел-дискусија на тема „Вештачката интелигенција како мотор за економски развој“, посветена на можностите што ги носи новата технологија за македонската економија и општество.