Фото: Влада

Со проектот „Везилка“ денеска започнува долгорочен процес што ќе остави траен белег врз македонската економија, науката и општеството, порача министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на промоцијата на Националната фабрика за вештачка интелигенција.

 – Нашата цел е јасна – да изградиме Македонија која нема само да ја следи технолошката иднина, туку активно ќе учествува во нејзиното создавање – истакна Андоновски.

Проектот, вреден шест милиони евра, е една од најзначајните инвестиции во националните капацитети за развој на вештачка интелигенција. Тој е избран за финансирање преку програмата „Хоризонт Европа“ и иницијативата EuroHPC, како дел од европската мрежа на AI Factory Antennas. Носител на проектот е Факултетот за компјутерски науки и инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, додека Министерството за дигитална трансформација е главен институционален партнер.

Според министерот, „Везилка“ претставува нова национална инфраструктура за знаење, иновации и технолошки развој.

 – Како што везилката во македонската традиција ги вплетува нишките во една целина, така и овој проект ги поврзува науката, технологијата, институциите, бизнисот и младите таленти во заедничка визија за иднината – рече Андоновски.

Тој нагласи дека преку проектот Македонија ќе добие директен пристап до европски суперкомпјутери, напредни податочни простори и современи алатки за развој и тестирање на модели на вештачка интелигенција. Со тоа, домашните истражувачи, стартапи, компании и институции ќе можат да користат инфраструктура што досега била достапна само за најразвиените европски центри.

Андоновски истакна дека проектот е насочен кон области кои имаат директно влијание врз квалитетот на животот на граѓаните, како што се здравството, енергетиката, земјоделството, јазикот и културата.

Особен акцент е ставен на развојот на македонски јазични модели и дигитални алатки на македонски јазик.

 – Во ерата на вештачката интелигенција, дигиталното присуство на македонскиот јазик станува прашање на зачувување на културниот идентитет. Нашата цел е македонскиот јазик да биде рамноправно присутен во идните генерации на системи со вештачка интелигенција – нагласи министерот.

Тој додаде дека придобивките од „Везилка“ нема да се ограничат само на економскиот развој и научните истражувања, туку ќе придонесат и за поефикасно функционирање на институциите.

 – Подобрите анализи на податоци значат подобри јавни политики, побрзата обработка на информации значи поефикасни институции, а поголемата автоматизација значи помал административен товар за граѓаните и компаниите – рече Андоновски.

Според него, визијата е вештачката интелигенција да стане алатка за поголема транспарентност, подобро планирање и поквалитетни јавни услуги, со што институциите ќе носат одлуки врз основа на податоци и факти, а граѓаните ќе добиваат побрзи и поефикасни услуги.

Претходно на промоцијата се обрати и премиерот Христијан Мицкоски, кој оцени дека „Везилка“ е почеток на процес што ќе придонесе за посилна наука, подобра економија и поголеми можности за младите.