Ebola Kongo
Фото: ЕПА

Франција го потврди првиот случај на ебола на своја територија поврзан со актуелната епидемија во Демократска Република Конго, откако лекар кој се вратил од хуманитарна мисија во погоденото подрачје бил позитивен на вирусот, пренесе „Ројтерс“.

Според француското Министерство за здравство, пациентот веднаш бил сместен во специјализирана здравствена установа и се наоѓа во стабилна состојба. Властите започнале епидемиолошка истрага и трасирање на контактите, додека ризикот за поширокото население во Франција и Европа засега се оценува како низок.

Станува збор за прв потврден случај надвор од Африка во рамки на тековната епидемија, откако претходните сомнителни случаи во други земји не беа потврдени.

Актуелната епидемија во Демократска Република Конго е предизвикана од реткиот сој на вирусот ебола „Бундибуџо“ (Bundibugyo), за кој во моментов не постои одобрена вакцина или специфичен третман. Болеста предизвикува тешка хеморагична треска и се пренесува преку директен контакт со телесни течности на заразени лица, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).

Според последните податоци, епидемијата во Конго има над илјада потврдени случаи и повеќе од 260 починати, а здравствените експерти предупредуваат дека реалниот број на заразени може да биде поголем поради тешкиот пристап до дел од погодените региони.

Француските власти соопштија дека лицата кои биле во контакт со заразениот лекар ќе бидат ставени под здравствен надзор во период од 21 ден, додека Владата најави внимателно следење на развојот на состојбата.