Фото: МИА

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја отфрли интерпелацијата поднесена од Левица, оценувајќи дека станува збор за политички мотивиран обид за дискредитација на неговата работа и на институцијата што ја предводи.

Обраќајќи се пред пратениците во Собранието, Тошковски изјави дека нападите се насочени кон оние кои носат промени и резултати.

 – Не се напаѓа оној што не работи, не се троши толкава енергија за оној што не менува, туку само за оној што менува нешто. Најмногу ве боли тоа што граѓаните конечно гледаат надеж дека Македонија може да се смени на подобро – рече Тошковски.

Тој посочи дека ова е трета интерпелација против него за две години, што, според него, претставува преседан, додавајќи дека во изминатиот период бил мета на напади од Левица, СДСМ и ДУИ.

Министерот оцени дека интерпелацијата не се занимава со резултатите на Министерството за внатрешни работи, туку со неговиот приватен и професионален живот.

 – Зборувавте за моето образование, адвокатурата и членовите на моето семејство, но не и за бројките, фактите, реализираните проекти и чувството на безбедност кај граѓаните – рече Тошковски.

Реплицирајќи му на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, Тошковски го обвини за манипулации, лаги и лични напади, оценувајќи дека интерпелацијата претставува „очаен обид за собирање евтини политички поени“ и за попречување на процесот на справување со криминалот и корупцијата.

Од друга страна, Апасиев го обвини министерот за непотизам, кронизам и за, како што рече, претворање на МВР во „фамилијарна тезга“. Тој критикуваше и дел од безбедносните политики, посочувајќи дека голем број државни институции се обезбедуваат од приватни агенции наместо од полицијата.

Интерпелацијата, поднесена од шестмина пратеници на Левица, содржи 17 точки во кои се нотираат забелешки за работата на министерот и на МВР. Меѓу обвинувањата се наведуваат наводна политизација на полицијата, командна одговорност за пропустите поврзани со трагедијата во Кочани, како и непостапување во случаи на семејно, врсничко и родово базирано насилство.

Ова е втора интерпелација за Тошковски поднесена од Левица и трета воопшто откако е на функцијата министер за внатрешни работи.