Почина Јован Павловски, еден од најплодните и највлијателни македонски писатели, публицисти и енциклопедисти. Павловски почина денеска во Скопје на 89-годишна возраст, оставајќи зад себе богато книжевно, новинарско и културно наследство кое повеќе од шест децении ја обележуваше македонската јавна сцена.
Роден во Тетово на 10 септември 1937 година, Павловски беше автор на повеќе од педесет книги – поезија, проза, литература за деца и публицистика. Особено место во македонската литература заземаат неговите романи „Тоа Радиовце во кое паѓам длабоко“, кој критиката го оцени како прв македонски политички роман, и култниот „Сок од простата“, дело што остави силен печат врз современата македонска книжевност.
Во текот на својата кариера беше долгогодишен новинар и уредник во „Нова Македонија“, како и нејзин дописник од Париз и Москва. Од 1980 до 1986 година предаваше теорија и практика на новинарството на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Павловски беше член на Друштвото на писателите на Македонија од 1962 година, а во три мандати ја извршуваше функцијата претседател на оваа асоцијација. Беше и член на Македонскиот ПЕН центар.
Покрај книжевното творештво, значаен белег остави и како публицист и енциклопедист. Неговите дела посветени на македонската историја, култура и идентитет беа објавувани на повеќе јазици и претставуваа значаен придонес во афирмацијата на Македонија во земјата и странство.
За својата работа доби бројни признанија, меѓу кои „Рациново признание“, наградите „Стале Попов“, „Мито Хаџивасилев – Јасмин“, „Климент Охридски“, наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, како и Орден на Републиката со сребрени зраци.
Со заминувањето на Јован Павловски, македонската култура губи истакнат писател, хроничар на времето и интелектуалец кој својот живот го посвети на литературата, новинарството и афирмацијата на македонскиот идентитет.


































