Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, денеска во 14 часот ќе одржи прес-конференција на која ќе бидат презентирани детали за уништувањето на две хемиски гранати од 75 милиметри со екстремно токсично бојно полнење, кои потекнуваат од периодот на Првата светска војна, пренесе МИА.
Како што информираат од ДЗС, станува збор за неексплодирани убојни средства (НУС) со хемиско полнење, чија безбедна неутрализација била спроведена согласно утврдените безбедносни процедури.
Воедно, од Дирекцијата упатија апел до граѓаните да бидат особено внимателни доколку наидат на неексплодирани гранати, бомби, муниција или друго оружје од минатите воени конфликти.
-Граѓаните во никој случај не треба да ги поместуваат или допираат пронајдените експлозивни средства, туку веднаш да го известат Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 – нагласуваат од ДЗС.
Оттаму појаснуваат дека по добиената пријава, специјализирани тимови на Дирекцијата ќе постапат согласно стандардните оперативни процедури за неексплодирани убојни средства и ќе ја отстранат опасноста на безбеден начин.
Од ДЗС потсетуваат дека и повеќе од еден век по завршувањето на Првата светска војна, на територијата на државата сè уште повремено се пронаоѓаат опасни неексплодирани средства, кои можат да претставуваат сериозна закана за безбедноста на граѓаните доколку со нив се ракува несоодветно.




































