Фото: Охрид њуз

По повод Денот на Охридското Езеро – 21 Јуни, во Охрид викендов се одржува спортско-едукативниот настан „Заедно за иднината на Езерото“, кој обединува млади спортисти, еколози и љубители на природата со цел да се подигне свеста за значењето на заштитата на езерото.

Во рамки на настанот, за првпат се организира еднонеделен тренинг камп „Охридски ветрови“, наменет за млади едриличари и скијачи. Организатори се Здружението за спортско едрење „Акватика Јахтинг“ од Охрид, Скијачкиот клуб „Диме Флејта“ од Тетово и Едриличарскиот клуб „Нов Ветар“ од Скопје.

Според Стефан Ставрев од „Акватика Јахтинг“, целта на настанот е преку спортот, едукацијата и дружењето да се развива љубов и почит кон Охридското Езеро.

 – Овие два дена заедно ќе го одбележиме Денот на Езерото преку спортскиот настан ‘Заедно за иднината на Езерото’. Ќе разменуваме искуства, ќе разговараме за организација на клупски регати и ќе го реализираме еднонеделниот тренинг камп ‘Охридски ветрови’, каде младите ќе ги учат основите и тајните на едрењето – изјави Ставрев.

Посебна симболика на настанот му дава учеството на младите скијачи од Тетово, кои летово спортските предизвици од снежните патеки ги заменуваат со едрење на водите на Охридското Езеро.

 – Снегот може да почека. Дојдовме во Охрид да научиме да едриме, да го почитуваме Езерото и да ги откриеме природните убавини на Македонија. Веруваме дека младите спортисти можат успешно да се развиваат во повеќе дисциплини и да создаваат нови шампиони – истакна Љубомир Петковски, секретар на Скијачкиот клуб „Диме Флејта“.

Во активностите се вклучува и Едриличарскиот клуб „Нов Ветар“ од Скопје, кој обезбедува едрилици за практична обука и тренинзи.

Претседателот на клубот, Владимир Петровски, нагласи дека поврзувањето на едрењето и скијањето е природен чекор бидејќи и двата спорта бараат чувство за рамнотежа, движење и користење на природните сили.

 – На располагање ставаме две едрилици за тренинзи и натпревари. Нашата цел е ‘Охридски ветрови’ да прерасне во традиционален настан кој секоја година ќе ги собира младите спортисти во Охрид – рече Петровски.

На настанот се приклучија и членовите на нуркачкиот клуб „Амфибија“, кои реализираа еколошка акција за чистење на плажата „Кај Дивоно“.

Организаторите очекуваат „Охридски ветрови“ да стане препознатлив спортско-едукативен настан што ќе ги поврзува младите од различни спортови, ќе го промовира активниот живот на вода и ќе придонесе за зачувување на Охридското Езеро, едно од најзначајните природни богатства во Европа.