Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Премиерот Христијан Мицкоски очекува намалување на цените на горивата веќе од понеделник, кога Регулаторна комисија за енергетика треба да ја донесе новата одлука за малопродажните цени на нафтените деривати, пренесе МИА.

Според неговите проценки, бензините би можеле да поевтинат за околу четири денари по литар, додека цената на дизелот би можела да се намали за околу седум денари по литар.

-Правевме наши калкулации, иако вредноста на доларот е благо зголемена. Очекувам бензините да се намалат за околу четири денари по литар, а дизелот за околу седум денари. Сепак, да ја почекаме официјалната одлука на Регулаторната комисија во понеделник – изјави Мицкоски при поставувањето камен-темелник на нова детска градинка во општина Карпош.

Премиерот оцени дека најавените мировни преговори меѓу САД и Иран би можеле да придонесат за стабилизирање на светскиот пазар на нафта и енергенси. Според него, позитивните сигнали веќе влијаат врз берзанските движења, но ефектите нема да бидат моментални.

Тој нагласи дека дури и во случај на целосна нормализација на транспортните рути преку Ормуски Теснец, ќе биде потребно време нафтата да стигне до крајните пазари.

-Доколку денеска тргнат танкерите, тие нема утре да пристигнат на своите дестинации. Станува збор за процес што ќе потрае и нема да се случи преку ноќ – истакна Мицкоски.

Тој додаде дека со финализирањето на мировните разговори и намалувањето на геополитичките тензии, очекува светскиот нафтен пазар да влезе во постабилен период, при што просечната цена на барел сурова нафта до крајот на годината би се движела меѓу 70 и 80 американски долари.