СВЕТОТ ВЛЕГУВА ВО НОВА ЕРА НА БЕЗБЕДНОСНИ БЛОКОВИ

  • Од масовно зголемување на воените буџети и нова индустриска мобилизација до префрлање на товарот од САД кон Европа и „создавање сили подготвени за директен судир со Русија“… НАТО ја започнува најголемата трансформација од своето основање во 1949 година

Кога генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, деновиве изјави дека Алијансата минува низ „колосална, можеби најголема трансформација во својата историја“ и дека е време за изградба на НАТО 3.0, тој практично призна дека сегашниот воен сојуз влегува во сосема нова фаза од своето постоење.

Ова повеќе не е НАТО од Студената војна, ниту НАТО од постсоветскиот период. Пред очите на светот се создава нова безбедносна архитектура во која Алијансата треба да стане, како што велат соговорниците, „значително поголема, побрза, посмртоносна и посамостојна“ (?!).
– Во основата на оваа трансформација стојат три фактори: прокси-судирот на НАТО во Украина, растечката конфронтација со Русија и постепеното повлекување на Соединетите Американски Држави од улогата на главен гарант на европската безбедност. Токму затоа концептот НАТО 3.0 претставува обид за темелно редефинирање на Алијансата – велат нашите соговорници, поранешни високи воени лица, а сега воени аналитичари.

ОД „МИРОВНА АЛИЈАНСА“ КОН СОЈУЗ ПОДГОТВЕН ЗА ВОЈНА

– Прва и најважна трансформација е промената на стратегиската филозофија.
Во последните три децении НАТО се концентрираше на мировни мисии, борба против тероризмот, операции во Авганистан, Ирак и на Балканот и управување со регионални кризи. Сега фокусот е сосема поинаков. Воените планери зборуваат за подготовка за можен конфликт од висок интензитет со нуклеарна сила како Русија. Затоа новите планови предвидуваат драматично зголемување на борбената готовност, скратување на времето за мобилизација и создавање единици способни веднаш да реагираат на источниот фронт на Алијансата. Ова е суштинска промена што практично означува враќање кон логиката на Студената војна, но во многу посложени геополитички околности – објаснуваат пензионирани генерали на АРМ со кои пошироко разговаравме на оваа тема.

НАЈГОЛЕМОТО МИЛИТАРИЗИРАЊЕ ВО ЕВРОПА ПО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА

Втората трансформација е финансиска. Руте веќе најави дека сегашната граница од два процента од БДП за одбрана повеќе не е доволна. Новата цел е пет проценти од националниот БДП. Од нив, 3,5 проценти би биле директни воени расходи, а дополнителни 1,5 проценти би се вложувале во инфраструктура, сајбер-безбедност, логистика, воена мобилност и отпорност на државите. Таквата политика значи стотици милијарди нови долари за одбраната во следната деценија. Само европските членки и Канада, според Руте, во една година ќе ја зголемат потрошувачката за околу 139 милијарди долари. Зад овие бројки стои намерата Европа да може да се брани и без целосна американска поддршка.

НОВА ВОЕНА ИНДУСТРИСКА РЕВОЛУЦИЈА

Трет столб на НАТО 3.0 е индустрискиот. Војната во Украина откри дека западните држави немаат доволно фабрики за муниција, артилериски гранати и современи системи за противвоздушна одбрана. Поради тоа НАТО започна процес што многумина веќе го споредуваат со индустриската мобилизација од времето на Студената војна. Целта е значително зголемување на производството на оружје и муниција, односно тенкови, оклопни возила, беспилотни летала, ракети и артилериска муниција. Паралелно се развиваат нови европски производствени капацитети за да се намали зависноста од американската воена индустрија, објаснуваат нашите соговорници.

ПРЕФРЛАЊЕ НА ТОВАРОТ ОД ВАШИНГТОН КОН ЕВРОПА

Можеби најзначајната реструктуризација е онаа што се однесува на односите меѓу САД и европските членки. Изјавите на американскиот министер за одбрана Пит Хегсет дека Вашингтон ќе продолжи со намалување на дел од своето воено присуство во Европа претставуваат сигнал дека времето на американското безусловно финансирање на европската безбедност завршува.
– Во иднина, Европа сакала- нејќела ќе мора сама да обезбедува многу поголем дел од сопствената одбрана. Тоа подразбира повеќе војска, пешадија, но и воздухопловни сили и противвоздушна одбрана, повеќе морнарички сили, и сето тоа со „европски префикс“, вклучувајќи и поголема европска застапеност во командните структури на Алијансата. Практично, НАТО се движи кон модел во кој САД остануваат главна сила, но Европа треба да стане многу посамостоен безбедносен столб – образложуваат нашите соговорници, кои се длабоко инволвирани во анализи поврзани со воените ресурси во светот.

РЕВОЛУЦИЈА ВО КОМАНДНАТА СТРУКТУРА

Во тек е и тивка, но исклучително важна реорганизација на военото командување. Новите регионални одбранбени планови предвидуваат детално дефинирани задачи за секоја земја членка. Секоја армија ќе има конкретни обврски во случај на криза или конфликт. Ова претставува најголемо оперативно преструктурирање на НАТО од крајот на Студената војна.

Воениот сојуз се движи кон многу построга интеграција на националните армии во единствен систем на планирање, логистика и командување.

САЈБЕР-ПРОСТОРОТ И ВСЕЛЕНАТА СТАНУВААТ НОВИ ФРОНТОВИ

НАТО 3.0 не се однесува само на тенкови и авиони. Алијансата сè повеќе ги третира сајбер-нападите, вештачката интелигенција, квантните технологии и вселенските системи како дел од современото бојно поле.

Новиот модел на одбрана предвидува масовни инвестиции во дигитална безбедност, сателитски комуникации и автономни системи.

Војните на иднината ќе се водат истовремено во воздухот, на копно, на море, во сајбер-просторот и во орбитата околу Земјата. Токму затоа НАТО се обидува да создаде интегриран систем на одбрана што ќе ги обедини сите овие домени. Р.С.


Што всушност значи НАТО 3.0?

Според нашите соговорници, пензионирани генерали на АРМ, зад новата формулација на Марк Руте се крие визија за Алијанса што треба да биде:
– значително побројна;
– финансиски помоќна;
– технолошки понапредна;
– индустриски посамостојна;
– оперативно побрза;
– помалку зависна од американските сили;
– подготвена за долгорочна конфронтација со Русија.
Токму затоа и голем број странски аналитичари, кои ги цитираат нашите соговорници, оценуваат дека не станува збор за обична модернизација, туку за суштинско редефинирање на НАТО.

НОВА ЕПОХА ЗА АЛИЈАНСАТА

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, зборува за најголемата трансформација во историјата на воениот сојуз, поттикната од војната во Украина и растечките глобални тензии.
– Руте не случајно зборува за најголема трансформација во историјата на организацијата. По падот на Берлинскиот ѕид, НАТО долго време бараше нова улога. Денес, под влијание на војната во Украина, растечките глобални тензии и променетата американска стратегија, Алијансата повторно добива јасно дефинирана мисија. Прашањето повеќе не е дали НАТО ќе се менува. Прашањето е колку далеку ќе оди таа трансформација и дали НАТО 3.0 ќе успее да ја одржи западната воена доминација во свет што станува сè понепредвидлив, поопасен и пофрагментиран отколку во кое било време по завршувањето на Студената војна – велат нашите соговорници.