Официјалните ветеринари на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спречија увоз на 23.685 килограми замрзнато пилешко месо со потекло од Бразил, поради непочитување на мерките за заштита од внесување на високопатогена авијарна инфлуенца (птичји грип) во земјава.
Од Агенцијата информираат дека пратката била одбиена бидејќи месото било произведено во јануари 2025 година, што е спротивно на важечката забрана за увоз на живи животни, производи и нуспроизводи од животинско потекло од одредени подрачја.
Согласно донесеното решение, забранет е увоз на пратки добиени од животни кои биле заклани, натоварени или сертифицирани пред 1 август 2025 година.
Од АХВ потсетуваат дека ова не е прв ваков случај. Во декември минатата година, официјалните ветеринари на истиот граничен премин вратиле во Бразил пратка со повеќе од 26 тони замрзнати пилешки батаци, исто така поради непочитување на мерките поврзани со спречување на ширењето на птичјиот грип.
– Како одговорна институција за безбедноста на храната, апелираме до увозниците да ги почитуваат законските и подзаконските прописи, како и стандардите што се однесуваат на безбедноста на храната, бидејќи здравјето на граѓаните е наш врвен приоритет – соопштија од Агенцијата.
Контролите на увозот на производи од животинско потекло остануваат засилени со цел спречување на внесување заразни болести и обезбедување високо ниво на безбедност на храната на домашниот пазар.

































