На пленарна седница попладнево помина Предлог-законот за соодветна и правична застапеност во прво читање. Од говорница можеа да се слушнат спротивставени мислења, меѓусебни обвинувања, различни толкувања на законските одредби. Пратениците од власта со пофалби, а пратениците од опозицијата со критики.
Пратеникот Беким Ќоку од „Вреди“ рече дека е ова значаен закон. Заснован на пописот, еднакво третирање на сите граѓани, согласно на нивните квалитети.
– Законот гарантира еднакви можности и за помалите заедници, да ги имаат сите права на сите нивоа. Законот ги гарантира правата на граѓаните – рече тој меѓу другото.
Тој ги повика пратениците да ги стават на страна калкулацииите и да го поддржат овој предлог закон.
Пратеникот Фатмир Битиќи од СДСМ рече дека суштината на овој закон, е разочарувачка.
– Секој граѓанин мора да биде вработен и унапреден според знаење, способност, професионалност и интегритет. Државната администрација не смее да биде партиски плен, ниту етнички пазар, затоа што институциите постојат за да им служат на граѓаните. Потребен ни е систем во кој компетентноста ќе биде услов, но еднаквата можност ќе биде гаранција – порача Битиќи, пренесува МИА.
Тој подвлече дека овој закон мора суштински да се подобри заради Уставот, заради Охридскиот рамковен договор, заради довербата и заради Македонија како заедничка држава на сите нејзини граѓани.
Претходно, Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците одржа јавна расправа за Предлог – законот за соодветна и правична застапеност, во прво читање кој се носи во редовна постапка. Експерти и пратеници ги изнесоа своите видувања за законот, а дел од нив изнесоа низа предлози за негово подобрување, но исто така и следење на имплементацијата на законот.


































