Фото: Амадеус

Денес е четврт ден од 60-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“.
Вечерва публиката ќе има можност од 19.00 часот на сцената од ЦК „Марко
Цепенков“ во официјална конкуренција да ја проследи претставата „Амадеус“
на Турскиот театар. Претходно во 17 часот ќе се одржи научната трибина
„Помеѓу отворениот дијалог и удобниот молк: театарот и општеството“. Од 21 ч.
на Сцена 105 ќе биде изведена придружната претстава од независната
продукција „Вилицата на Ибен Бајерс“.

На пладне се одржаа разговорите на тркалезна маса за претставата „Случајната
смрт на еден анархист“ на Штипскиот театар, при што беше посочено дека
претставата не се обидува да биде дневнополитичко кабаре и дека современите
политички и општествени референци се внесени одмерено и прецизно.
Претходните денови се одржаа тркалезни маси и за другите претстави во
официјална конкуренција, а вчера пак попладнето беше посветено на авторот во
фокус Дејан Дукоски, при што беше отворена изложба на плакати од негови
претстави, беше промовирано новото издание на собрани негови драми и
разговор со него.

Дукоски истакна дека Фестивалот имал голема улога во неговото растење
како автор и дека некогаш се случува некои претстави да бидат и подобри од
самиот текст, отвориле нови нивоа, нови стојалишта.

– Драмата не е уметност на самите зборови, драмата е уметност на
контекстите и на чувствата кои тие зборови ги носат во претставата.Драмата ја
гледаме и вистински ја разбираме во мигот кога ќе ја видиме на сцена – рече
Дукоски.

Ка.М.