Во пресрет на крајот на војната во Европа (2)
- Кој ќе го освои најголемиот дел од милијардите за инфраструктурата, индустријата и реконструкцијата на Украина?
Додека воените операции во Украина сè уште траат, низ европските престолнини веќе се води друга, тивка, но исклучително важна битка. Тоа е битката за економско позиционирање во поствоената обнова на Украина. Според процените на повеќе меѓународни финансиски институции, реконструкцијата на Украина ќе бара стотици милијарди евра во следните децении, што ја прави најголема развојна и инфраструктурна програма во Европа, по Маршаловиот план.
Во време кога европските економии се соочуваат со забавен раст, индустриска стагнација, високи трошоци за енергија и растечки јавен долг, можноста за учество во украинската реконструкција се гледа како историска економска шанса, а не во производство на муниција и оружје. Затоа, иако официјално сите земји на Европската Унија зборуваат за солидарност и заедничка поддршка на Киев, во заднина веќе започнува конкуренцијата за што поголем дел од идните проекти за обнова.
Полска – природен фаворит на „источниот фронт“
Полска долго време се сметаше за најверојатен кандидат за улогата на главен европски центар за обнова на Украина. Географската близина, развиената логистичка инфраструктура, политичката поддршка за Киев и фактот што најголемиот дел копнени транспортни коридори кон Украина минуваат преку полска територија, ѝ даваат значителна предност.
Варшава веќе инвестира во железнички капацитети, логистички центри, складишта и транспортни мрежи што во иднина би можеле да станат главни канали за испорака на градежни материјали, индустриска опрема и технологии за украинската реконструкција.
Полските компании гледаат можност за масовно учество во изградба на патишта, мостови, станбени комплекси, енергетски системи и индустриски капацитети. Во економска смисла, Полска сака да стане главна порта меѓу Европската Унија и Украина.
Сепак, во полско-украинските односи деновиве се случи нешто катастрофално деградирачки. Имено, одлуките на украинското раководство поврзани со историски личности и организации што во Полска се доживуваат како одговорни за масовни злосторства од Втората светска војна, во Полска се доживеаја стравотно трауматично. Затоа, деновиве официјална Варшава направи самоиницијативно унилатерални чекори за да се изземе од процесот на реконструкција на Украина додека е таму лидер Зеленски.
Германија сепак е економски гигант и не сака да остане настрана
Ако Полска има географска предност, Германија располага со нешто уште поважно, а тоа е финансиска и индустриска моќ.
Германските концерни веќе покажуваат интерес за обновата на украинската енергетска инфраструктура, железничкиот сектор, металургијата и високотехнолошкото производство. Берлин гледа на Украина не само како на простор за реконструкција туку и како на иден индустриски партнер со голем пазар и значајни суровински ресурси.
Особено внимание привлекуваат украинските резерви на критични минерали, неопходни за европската зелена транзиција, производството на батерии и модерната автомобилска индустрија. Поради тоа, Германија настојува уште денес да создаде институционални механизми преку кои германските компании ќе бидат меѓу главните носители на идните проекти.
Франција и Италија со поглед кон стратешките индустрии
Париз и Рим исто така не планираат да останат набљудувачи.
Франција особено е заинтересирана за енергетиката, телекомуникациите, урбаната реконструкција и транспортните системи. Француските власти веќе ги охрабруваат домашните компании да градат партнерства со украински институции и приватни фирми.
Италија, пак, ја гледа можноста во градежништвото, производството на машини, обновата на културното наследство и развојот на мали и средни претпријатија.
Двете држави се свесни дека огромниот финансиски пакет за Украина ќе претставува и инструмент за поттикнување на сопствените економии во време на европска неизвесност.
Балтичките држави и Чешка – помали играчи, но со големи амбиции
Иако не располагаат со ресурсите на Германија или Франција, земјите од Балтикот и Чешка веќе активно градат позиции.
Нивната предност си ја припишуваат сами во трката, заради „политичката поддршка што му ја дадоа на Киев од самиот почеток на воениот судир“. Овие држави настојуваат токму таа политичка доверба да ја протуркаат во прв план и да ја претворат во економски капитал.
Особено силни можности гледаат во дигитализацијата, сајбер-безбедноста, јавната администрација и модернизацијата на украинските институции.
Вистинска „борба“ треба да биде борбата за инвестиции, изведби, раст и развој на Европа, а не за милитаризација
Обновата на Украина нема да биде само хуманитарен или развоен проект. Таа ќе претставува најголемата економска и геополитичка операција во Европа во XXI век.
Полска засега има природна предност благодарение на географијата и логистиката. Германија располага со финансиска и индустриска надмоќ. Франција и Италија сакаат удел во стратешките сектори, додека помалите држави бараат специјализирани ниши.
Затоа, вистинското прашање не е дали ќе има конкуренција за украинската реконструкција. Прашањето е кој ќе успее најдобро да ги поврзе сопствените економски интереси со политичкото влијание и долгорочната визија за идната Европа. Во таа трка веќе нема стартна линија – натпреварот е започнат. Р.С.
Украина – нов центар на европската индустриска географија
Покрај инфраструктурната реконструкција, вистинската борба ќе се води околу индустриската трансформација на Украина.
Прашањето не е само кој ќе ги гради патиштата и мостовите туку и кој ќе ги контролира синџирите на снабдување, енергетските проекти, производствените капацитети и новите технолошки индустрии.
Украина располага со огромно земјоделско производство, значајни минерални ресурси и стратешка географска позиција меѓу Европската Унија и евроазискиот простор. Токму затоа многу европски влади ја гледаат реконструкцијата како инвестиција во идната економска архитектура на континентот.
Доколку Украина во иднина стане членка на Европската Унија, рамнотежата на силите во Источна Европа може значително да се промени.
Со население, територија и економски потенцијал, Украина би можела да стане една од највлијателните држави во источниот дел на Унијата. Тоа би создало нова конкуренција за земјите што денес ја имаат улогата на главни регионални центри, пред сè Полска.
Токму затоа дел од сегашната борба за проекти не е само економска, туку и геополитичка. Станува збор за позиционирање во Европа на иднината. Р.С.
МАКЕДОНИЈА ДА НЕ ГО ЧЕКА ФОРМАЛНИОТ РАСПЛЕТ НА РУСКО-УКРАИНСКИОТ СУДИР
Навремено позиционирање во сегментите во кои можеме да понудиме конкурентни услуги и експертиза
- Во услови кога реконструкцијата на Украина ќе бара огромен број изведувачи, доставувачи и стручни кадри, клучниот предизвик не е дали ќе има можности, туку ние навреме да се мобилизираме и организираме за да ги искористиме можностите во полн капацитет
Според извори од Брисел, големите европски сили веќе ги подготвуваат своите компании за учество во обновата на Украина. Македонија има можност навреме да се позиционира во сегментите во кои може да понуди конкурентни услуги и експертиза. Наместо да се натпреварува со економските гиганти, земјата треба да се насочи кон модел на партнерство и супконтракторски ангажман во рамките на големите европски проекти.
Македонските градежни компании, инженерски бироа, ИТ-фирми, логистички оператори, производители на градежни материјали и прехранбени компании би можеле да најдат свое место во идниот синџир на обнова. Но, за тоа е потребен организиран пристап уште денес.
Една од можностите е формирање национален или регионален македонски конзорциум што би ги обединил капацитетите на повеќе компании и би настапувал како партнер на големи европски корпорации и фондови. Таквиот модел би овозможил поголема видливост, полесен пристап до тендери и подобра координација со европските институции.
Иако Македонија нема финансиска моќ да биде носител на големи инфраструктурни проекти, таа може да биде дел од нивната реализација. Во услови кога реконструкцијата на Украина ќе бара огромен број изведувачи, доставувачи и стручни кадри, клучниот предизвик не е дали ќе има можности, туку ние навреме да се мобилизираме и организираме за да ги искористиме можностите во полн капацитет. Р.С.

































