Француската интелектуална мисла во полза на македонските идентитетски обележја во денешен контекст (1)
- Француската традиција повеќе од еден и пол век ја признава, ја истражува и во широки меѓународни рамки ја афирмира националната и идентитетска самобитност на македонскиот народ, неговиот јазик, култура и историја. Во полза на Македонците, македонскиот јазик и историја е и своевидната „Француска научна и интелектуална доктрина“ за постоењето автентична и неспорна македонска етничка, идентитетска, јазична и историска засебност, како и „Францускиот манифест на македонизмот“ на францускиот и европски писател и интелектуалец Анри Барбис, чие дело веќе цели сто години ја зрачи вистината за самобитноста на македонскиот народ, идентитет и јазик не само во Франција и на Балканот туку и среде Европа и низ светот
На 22 мај 2026 година министерот за Европа и надворешни работи Жан-Ноел Баро се сретна со бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова во заднината на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Шведска. Баро ја нагласи желбата на Франција да соработува со новата бугарска влада, за да им даде нов импулс на односите меѓу двете земји и да ја зајакне соработката во областите што се клучни за суверенитетот и стратегиската автономија на Европската Унија. Нивните разговори опфатија приоритети на политиката на ЕУ како што е и поддршката за Западен Балкан. Ова кусо го соопшти ресорното министерство на Франција. Бугарското министерство за надворешни работи не се огласи со соопштение. Останува само да се претпоставува во што се состои „желбата на Франција да соработува со новата бугарска влада“, каков „нов импулс да им даде на односите меѓу двете земји“, во врска со што поконкретно разговараа Баро и Петрова-Чамова поврзано со „политиката на ЕУ и поддршката за Западен Балкан“? Дали можеби Република Македонија беше „удостоена“ да биде спомената на средбата на Баро и Петрова-Чамова? Еден ден претходно, таа во бугарскиот парламент изјави категорично дека Бугарија нема да дозволи повторно преговарање или заобиколување на преговарачката рамка и условите содржани во францускиот предлог од јули 2022 година. Петрова-Чамова нагласи дека „напредокот на Скопје зависи исклучиво од исполнувањето на веќе преземените обврски и постигнатиот европски консензус“.
Основната теза во тој „француски предлог“ и таа преговарачка рамка е дека не постојат ниту засебен македонски јазик ниту засебен македонски народ пред 1944/1945 година, туку оти тој народ и јазик се „современи“, односно измислени и новосоздадени врз основа на „бугарски темели и корени“. Таквите фалсификати и негаторски тези се засновани врз „Бугарската национална доктрина за 21 век“, стратегиски документ од 1997/1998 на Бугарската академија на науките (БАН) и државните институции, кој ја претставува Бугарија како „духовен центар на сите Бугари во светот“. Со таа „Бугарска национална доктрина“ се отфрла каква било и помисла за постоење на Македонци и македонски јазик и идентитет, различни од Бугарите, бугарскиот јазик и идентитет. Имајќи го предвид овој бугарски доктринарен документ, кој следи исти цели и стремежи повеќе од еден век, прашање е дали можеби Франција сега веќе има „нагласена желба“ да соработува со новата бугарска влада поврзано со „евроинтегративната политика“ на официјална Софија за негирањето на постоењето на македонскиот народ јазик и историја. За да им се дадел „нов импулс“ на односите меѓу двете земји во „соработката“ на тој план? Логична е претпоставката за овие две прашања кога се има предвид фактот дека сегашниот француски претседател Емануел Макрон како директен придонесувач за составувањето и донесувањето на францускиот предлог ќе нагласи уште тогаш дека е потребна „правда за бугарските барања“.
Но Макрон и неговото „адвокатисување“ за „правдата за бугарските барања“ да се престорат Македонците Бугари, а македонскиот јазик да се прогласи како бугарски, се во жестока спротивност со непрестајната, длабока научна и интелектуална традиција токму на неговата матична држава Франција. Таа француска традиција повеќе од еден и пол век ја признава, ја истражува и во широки меѓународни рамки ја афирмира националната и идентитетска самобитност на македонскиот народ, неговиот јазик, култура и историја. На Емануел Макрон и „Бугарската национална доктрина за 21 век“ против Македонија, Македонците, македонскиот јазик и историја им се спротивставува своевидната „Француска научна и интелектуална доктрина“ за постоењето на автентична и неспорна македонска етничка, идентитетска, јазична и историска засебност. На Емануел Макрон и „Бугарската национална доктрина за 21 век“, која е доктрина против македонизмот, им се спротивставува своевидниот „Француски манифест на македонизмот“ на францускиот и европски писател и интелектуалец Анри Барбис, чие дело веќе цели сто години ја зрачи вистината за самобитноста на македонскиот народ, идентитет и јазик не само во Франција и на Балканот туку и среде Европа и низ светот.
– Навистина станува збор за една нација. Нација што има свој оригинален етнички карактер, свои традиции, свои стремежи, своја единствена и специфична личност – напиша Барбис во својата прочуена статија „Дали македонското прашање е навистина толку сложено?“, објавена на 1 ноември 1926 година.
Во неа Барбис нагласил дека македонското население историски било вкоренето во Македонија, но му биле одземени основните национални права. Бугарите денес со фалсификати тврдат дека Македонците се „народ без историски корени“, а Барбис пред еден век јасно го кажал сосема обратното. Уште пред сто години тој зборува експлицитно за Македонците како посебна нација, а не како дел од друга балканска нација, во случајов како дел од Бугарите.
Шефицата на бугарската дипломатија Велислава Петрова-Чамова говореше за францускиот предлог, „преговарачката рамка и вториот протокол, според кои Македонците немаат право да се наречат Македонци, благодарение и на Макрон. Од друга страна, на 28 јуни 1930 година во статијата „Поробен народ“ Анри Барбис ќе напише: „Македонците, кои имаат свој автентичен посебен јазик и своја неспорна етничка оригиналност, го немаат дури ни правото да се нарекуваат Македонци“.
Промакедонската научна и интелектуална струја во Франција се изјасни во прилог на македонскиот народ и неговите јазично-идентитетски белези
Делото и ставовите на големиот француски писател Анри Барбис зрачат можеби уште посилно денес во срцето на политичка Европа, олицетворена во ЕУ, како своевиден „Француски манифест на македонизмот“ против бугарските фалсификати и негирања, „бетонирајќи“ ја македонската вистина за Македонија, за самобитноста на македонскиот народ, македонскиот идентитет, јазик, култура и историја. Би било многу потребно и полезно Емануел Макрон да се запознае со тоа што пишувал и што говорел неговиот сонародник Барбис пред сто години за Македонија, Македонците и македонскиот јазик, за да започне да обрнува внимание и на правдата за македонските барања, а не само на бугарските.
Не ја сочинува само Анри Барбис промакедонската научна и интелектуална струја во Франција: преку француските патописци, географи и филолози во 19 век започнува да се пројавува и да се засилува интересот на научна, културна и интелектуална Франција за македонскиот народ и неговите јазично-идентитетски белези, различни од белезите на другите балкански и европски народи. Тој интерес, конкретизиран во задлабочени научни истражувања и објавени научни студии и монографии, се засилува во периодот меѓу двете светски војни преку угледни слависти и го достигнува врвот по Втората светска војна со официјалното внесување и востановување на македонистиката на врвните француски универзитети.
– Словенскиот македонски јазик претставува реалност во таква мера, што во XIX век суштествувал еден македонски литературен јазик, јазик на сосема мала учена литература, но на обилна народна литература. Немаше време да се унифицира овој литературен јазик, заснован врз говори што природно се разликуваат малку меѓу себе. Негови центри беа Скопје, Тетово, Охрид, Битола (Манастир), Воден итн. – ќе запише францускиот лингвист и македонист Андре Вајан во 1938 година во студијата „Проблемот на македонските Словени“ во врска со постоењето и засебноста на македонскиот јазик, исто така и тој со аргументи побивајќи ги сите бугарски и сечии други тврдења дека македонскиот јазик бил измислен од Тито во 1944/1945 година
Еден од најжестоките аргументи на овој врвен француски и европски лингвист против таквите негаторски тези е и „Македонскиот речник од 16 век“, кој го издал заедно со Ќиро Ѓанели, професор на Универзитетот во Рим, Италија – речник со повеќе од 300 изворни македонски зборови и фрази, напишан во 16 век од непознат автор, а објавен во 1958 година. Текстовите претставени за анализа во ова издание биле изработени од Институтот за словенски студии при Парискиот универзитет во 1958 година. Станува збор за еден од најраните ракописи напишани на чисто македонски народен јазик, а неговите содржини се собрани од селото Богатско, кое се наоѓа во регионот на Костурскиот Округ, во југозападна Македонија, денес во Грција.
Македонски зборови во „Македонски речник од 16 век“ – четири века пред да тврди политичка и лажнонаучна Софија дека „македонските зборови се бугарски зборови“, оти „македонскиот јазик е регионална норма, регионален дијалект на бугарскиот јазик“!
Свето Тоевски
(продолжува)

































