Работнички и Графичар пред првиот меѓусебен прволигашки дуел

Од ракометното минато (25)

  • Ракометарите на Работнички со победата во финалето на републичкиот куп му се реваншираа на Графичар за прволигашкиот пораз. Многу активности во паузата меѓу двете прволигашки полуетапи

Со спуштањето на завесата на лигашките натпревари, кон крајот на октомври 1959 година, тоа не значеше и крај на сите натпреварувачки активности на клубовите од Македонија. Напротив, иако на отворено, понекогаш и со минимални услови за игра поради есенскиот дожд и калливите терени, клубовите беа вклучени во многу активности од републички карактер. Откако Работнички и Графичар беа елиминирани од натпреварите за југословенскиот куп, сето внимание го свртеа кон Купот на Македонија, кој секоја година се одржуваше под покровителство на ЦК на СММ. Овој пат паузата во Првата лига добро им дојде на двата прволигаша, да не прекинат наеднаш со натпреварувачката активност, туку да продолжат со тренинзите и да ги очекуваат куп-дуелите. Овој календар намерно беше темпиран така, зашто ако куп-средбите се играа во текот на прволигашката сезона, тоа ќе бараше дополнителен напор за македонските членови на Првата сојузна ракометна лига. Вака, тие можеа да се концентрираат на трката за освојување што повеќе бодови, а во паузата растоварени од таа обврска можеа целосно да му се посветат на Купот.

Прволигашите не дозволија изненадување

Според прогнозите во преднатпреварите на македонскиот куп, фаворитите победуваа и го отвораа патот кон финалето. Но веднаш да напоменам дека и претходните средби, особено оние полуфиналните, беа квалитетни и покажаа оти во Македонија, покрај Работнички и Графичар, висок квалитет имаат и неколку републички клуба. Ова пред сѐ однесуваше на кавадаречки Тиквеш и штипски Текстилец, кои стигнаа до полуфиналните куп-дуели, во кои, според пропозициите на РСМ, прволигашите Работнички и Графичар директно се вклучуваа, без претходно да имаат уште некој квалификациски дуел. Та беше намерно направено така за двете екипи малку да здивнат од оние тешки прволигашки дуели, кои многу ги исцрпија. Како и да е, сѐ течеше според однапред утврдената програма, а кога се стигна до полуфиналето, со ждрепка се одредуваше кој со кого ќе се сретне. Така, ждрепката одлучи во едното полуфинале да играат Графичар како домаќин и Тиквеш од Кавадарци, а во второто Работнички како гостин против штипски Текстилец.
Од овие две средби многу повозбудлива беше скопската, во која Графичар со крајни напори го совлада инспирираниот Тиквеш со 16-15. Особено беше интересна завршницата на оваа средба, во која малку недостигаше кавадарчаните да го елиминираат прволигашот. Но со поконцентрирана игра „графичарите“ успеаја да го држат на дистанца „забревтаниот“ Тиквеш и некако да стигнат до значајна победа и пласман во финалето.
Во Штип, пак, Работнички имаше целосна контрола на текот на средбата со домашниот Текстилец и во една на моменти егзибициска игра, за задоволство на гледачите, успеа да ја оствари целта и да се пласира во финалето. Штипјани не беа разочарани што нивниот Текстилец беше елиминиран од Купот со резултат 23-27, зашто присуствуваа на еден динамичен натпревар во кој беше демонстриран отворен и убав ракомет.

Работнички му се раваншира на Графичар

Финалниот натпревар во Купот на Македонија е приказна за себе. Не поради друго, туку поради временските (не)прилики. Ќе прашате зошто, па едноставно затоа што финалето се одигра на 6 декември, во зимски услови, на влажен и лизгав терен, на Градскиот стадион пред западната трибина. Во една ваква ситуација не можеше да се прикаже квалитетен, туку само борбен натпревар, во кој немаше многу филозофирање, туку се одеше само на конкретни решенија без импровизации. Тренерот Славко Матовски, кој гореше од желба да му се реваншира на ривалот за поразот во Првата лига, постави една цврста игра, особено во одбраната, која „графичарите“ тешко можеа да ја разбијат и да постигнуваат голови. Ова беше целосно друг Работнички од оној во Првата лига, кога во второто полувреме само еднаш го совладаа голманот на Графичар, Мицковиќ. Тогаш многумина прокоментираа оти ова беше полувреме за Гинис. Да стануваше збор за фудбал, ништо нема да беше чудно, ама во ракомет во едно цело полувреме да се постигне само еден гол, не само што е чудно туку е дури и неверојатно. Но, ете, и тоа се случи за да остане како ексклузива во македонскиот ракомет.
Сега, да се вратам на финалната пресметка, која сигурно им остана во сеќавањата на големиот број ракометни љубители. На овој натпревар се претстави со сиот свој блесок младиот Теофил Томановиќ-Тофо. Тогаш на сите им стана јасно зошто, иако толку млад, се најде и на списокот на репрезентативците на Југославија. Во овој меч до полн израз дојдоа и неговите голгетерски способности, така што тој беше најголемата опасност за голманот Мицковиќ. Иако двајцата добро се познаваа, сепак, она ефе на Тофо од крилната позиција му создаваше големи проблеми на голманот на „графичарите“. Така, поради лошиот терен, во една не толку квалитетна игра Работнички го доби ова финале со 11-5, резултат што наполно одговараше на сликата на теренот.
Радоста на „железничарите“ по триумфот беше голема, зашто по оној прволигашки пораз, овој пат стравуваа да не се повтори истата слика. Но не дојде до тоа – пехарот од македонската младина се најде во нивните раце, но, сепак, тој беше мала утеха за поразот во прволигашкиот дуел.

Томановиќ прогласен за најдобар ракометар

Сето ова што го прочитавте се случуваше во паузата помеѓу есенскиот и пролетниот дел од Првата сојузна ракометна лига. Инаку, овој период секогаш е наменет за правење анализа на она што поминало, за да се извлечат одредени поуки за она што доаѓа. Но, за разлика од минатите години, поради многуте активности дополнети и со Купот на Македонија, време за некоја постудиозна анализа не остана. Единствено настојчивиот Славко Матовски, и покрај многуте обврски, сериозно се зафати и ја анализираше есенската сезона. Тој во таа анализа и самиот не се штедеше и ги изнесуваше и неговите пропусти. Но она што може да се извлече од неговата стручна анализа е следното: Покрај навраќањето на сѐ што поминало, сепак, централно место во анализата имаа резултатите постигнати во Првата сојузна лига. Матовски и членовите на стручниот штаб констатираа оти не може да бидат задоволни од игрите во елитната лига, зашто тие не беа одраз на вистинските можности на екипата. Причината за то се бараше во ангажираноста на ракометарите кон исполнувањето на студентските обврски. Некои од нив, поради испитите, понекогаш и не можеа да заминат на патувањата со екипата. Така, често се случувало Работнички на терен да истрча со некомплетен состав. Сето тоа, нормално, се одразувало и на резултатот. Исто така, се споменува и еден момент што малкумина го знаат. Имено, ниту еден од ракометарите што биле редовни студенти не добивал стипендија. За разлика од нив, сите други студенти што настапувале за другите екипи во Првата лига ја имале можноста да бидат стипендисти на Сојузите за физичка култура во своите републики и покраини. Матовски ова го споменува и во својата книга и додава оти стипендијата не треба да се сфати како некој луксуз, туку како потреба за ракометарите по тренинзите и натпреварите да имаат редовна и квалитетна исхрана.
Од овие причини беше намален и бројот на тренинзите, па наместо четири, што беше најниска норма за тренинг со квалитетните спортисти, поради слабата исхрана на поголемиот број ракометари тренинзите беа намалени на два неделно. На тој начин можеше да се одржи само низок степен на спортска подготвеност.
На оваа тема не само Славко Матовски туку дебатираа и другите тренери во Македонија. Но она што тие го поставија како услов за кревање на квалитетот на ракометарите, со оглед на лошата финансиска состојба, беа свесни оти тешко може да се реализира. Едноставно, се чекаа некои подобри денови.
И на крајот од овој текст да ги споменеме ракометарите што ја обележија сезоната и се најдоа на ранг-листата на најдобрите. Овој пат сите почести ги доби Теофил Томановиќ. Тој беше навистина извонреден во текот на целата година и често беше играч на одлука. Неговите голови и кога беше најтешко го извлекуваа Работнички и придонесоа тој да биде конкурентен со најдобрите југословенски екипи. Меѓу десетте најдобри ракометари во 1959 година од Работнички уште беа голманот Ѓукиќ, потоа Геровски, Н. Матовски и Кратовалиев. Од Графичар меѓу најдобрите се најдоа искусниот Куновски, Петрески, Марјановиќ, Ристоманов и Василјевиќ, а во „десетката“ се најде голманот на Тиквеш, Боро Тасев. Инаку, кавадарчани беа препознатливи и по комплетното голманско трио, во кое покрај Тасев беа уште Перо Ризов и Тошо Алексов.