Фото: ТАВ Македонија

Во Охрид денеска беше одржан увид во градежните работи на реконструкцијата и модернизацијата на Аеродромот „Свети Апостол Павле“, а генерален директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, истакна дека проектот се одвива со забележителна динамика.

– Денес сме собрани тука од две важни причини. Првата е што рано утрово го пречекавме првиот лет на Виз ер од Вроцлав до Охрид. Летот донесе приближно 200 полски туристи, кои ги пречекавме со традиционалниот охридски специјалитет ‘ѓомлезе’ – симбол на македонското гостопримство – рече Курт.

Тој додаде дека од 9 јуни Виз ер ќе почне да лета и од Катовице, што ќе придонесе за зголемување на дојдовниот туризам и меѓународната видливост на Охрид како дестинација.

Втората причина за денешниот настан, како што рече тој,  е увидот во реконструкцијата на аеродромот. Курт потенцира дека градежните работи се во тек, но функционирањето на аеродромот продолжува непречено.

– Просторот за заминувања се проширува за 100 квадратни метри и моментално е завршен 85 проценти, новите шалтери за пријавување се веќе инсталирани и целосно функционални, а новиот систем за ракување со багаж е делумно во функција – рече тој.

Генералниот директор посочи и дека административната зграда ќе се прошири од 290 на 746 квадратни метри, со завршеност од 95 проценти, а вкупно 65 проценти од целиот проект е завршен. Курт нагласи дека проектот вреден 2,7 милиони евра ќе обезбеди поголема удобност за патниците и подобри услови за работа за вработените и институционалните партнери, вклучувајќи ја и полицијата и царината.

– Модернизацијата на аеродромот дополнително ќе го позиционира регионот на Охридското Езеро и Македонија како една од најатрактивните и најпристапни туристички дестинации во Европа. Заедно со нашите авиокомпании партнери и поддршка од Владата, ќе продолжиме да ја прошируваме мрежата на директни линии и да ја зајакнуваме меѓународната поврзаност на аеродромот – додаде Курт.

Тој истакна дека во текот на јуни ќе бидат отворени три нови сезонски линии: Ер Србија од Белград на 8 јуни, Туркиш ерлајнс од Истанбул на 16 јуни и Аустриан ерлајнс од Виена на 21 јуни. До крајот на месецот аеродромот во Охрид ќе има осум авиокомпании кои ќе летаат до 17 дестинации, вклучувајќи редовни, сезонски и чартер линии.

– Македонија моментално е еден од најбрзо растечките воздухопловни пазари во Европа, со 31 проценти поголем патнички сообраќај во првите пет месеци годинава. Додека многу европски пазари доживуваат стагнација, ние постигнуваме двоцифрен пораст – истакна Курт и се заблагодари на вицепремиерот Александар Николоски за континуираната поддршка од Владата.

Фото: ТАВ Македонија
Фото: ТАВ Македонија
Фото: ТАВ Македонија
Фото: ТАВ Македонија
Фото: ТАВ Македонија