Скопската тврдина – сите ја гледаме, никој не ја забележува

  • Калето не смее да биде „мртов споменик“. За да преживее, тоа мора да биде корисно за заедницата, па, оттука, на неговата обнова и одржување не треба да се гледа како на трошок, туку како на трајна инвестиција во еден простор од кој и Скопје ќе изгледа поинаку, точка од која најсилно ќе може да се видат виталноста на градот и неговиот специфичен повеќеслоен културен идентитет

Ваква уметност, префинетост и градба не се среќаваат често во други градови, запишал познатиот хроничар Евлија Челебија во 1660 година за Скопско Кале. Овие негови зборови векови подоцна испаруваат во жештината на обраснатата тврдина над градот, неговиот симбол, кој, за жал, одамна не го заслужува овој атрибут. Културно-историските и уметнички вредности, специфичната природна положба, единствената визура и пејзажната вредност природно придонесуваат за амбиенталното доживување на еден ваков простор. Но, наместо тоа, над панорамата на Скопје со години се простира запуштено пространство, неосветлено и небезбедно за прошетка, кое нималку не е туристички интересно и покрај тоа што поседува непроценлива историска вредност.
Тврдините во европските градови вообичаено се место и за уметници, и за патници, и за случајни минувачи, и за безделничари, место каде што секој може да го најде она што му се допаѓа. Но не и нашата, на која може да се најдат само коров, камен и прашина, на која, наместо туристи, шетаат бездомни кучиња, а во лето змии и гуштери, руинирани патеки, искршени канти за отпадоци, густа трева и грмушки. Сликата на скопската тврдина, симболот на градот, е очајна, па затоа со право туристичките водичи го заобиколуваат Калето во својата понуда. Долгогодишната запуштеност на пошироката локација, и покрај големиот потенцијал на овој простор, може да се надмине само со смели и инвентивни, но истовремено и едноставни и применливи идеи и концепти за култивирање на ридот во тврдина на уметноста.
Неодамнешните најави за комплетно обновување на Калето доаѓаат задоцнето, но сепак даваат надеж дека градскиот симбол кончено ќе блесне во својот полн сјај, дека на виделина ќе излезат неоткриените вредности содржани во големото и речиси сосема запуштено пространство. Имено, над 5.800 артефакти, кои биле пронајдени за време на капиталните истражувања на Калето во Скопје, ќе бидат дел од поставките на двата музеја, кои се во фаза на обнова. Музејот на праисторијата, кој не е трајна градба, туку намерно е замислен како градба од привремен карактер и, всушност, заштитува дел од локалитетот, ќе презентира дел од локалитетот од најстарите слоеви на живот, почнувајќи од енеолитот. На Музејот за отомански период, пак, се санира покривот, кој е во многу лоша состојба. Се предвидува отворање на уште еден музеј, посветен на средновековниот период, за кој сѐ уште нема обезбедено средства.
Ако се реализира овој проект, тогаш и Скопје барем малку ќе се доближи до европските градови чиј најмоќен симбол се тврдините (цитаделите, калињата или замоците) што гордо се издигнуваат над нив. Од Калемегдан во Белград, па до Алхамбра во Шпанија или Единбуршкиот замок во Шкотска, овие градби се срцето на европскиот културен идентитет. Во минатото имале исклучиво одбранбена и стратешка функција – биле штит од непријатели, воени бастиони и симболи на моќта на тогашните владетели. Денес нивната улога е целосно трансформирана, но нивната важност е уште поголема. Тие се историски сведоци, материјален доказ за вековното постоење на еден град. Секој камен раскажува приказна за битки, сојузи, падови и преродби. Тие го дефинираат визуелниот и историскиот идентитет на градот. Денес се претворени во паркови, амфитеатри, музеи и галерии, места каде што се одржуваат концерти, фестивали, театарски претстави и се главна атракција за милионите туристи. Одржувањето на овие средновековни и антички камени структури е огромен предизвик што бара баланс помеѓу конзервацијата и модернизацијата. Наместо ад хок реставрации, тврдините бараат постојан мониторинг од археолози, архитекти и историчари. При реконструкцијата мора да се внимава да не се наруши историската вредност, а во одржувањето најважна е заштитата од природни влијанија, влагата, дивата вегетација, корењата што ги пробиваат ѕидовите и ерозијата се најголемите непријатели на каменот.
Скопската тврдина не смее да биде „мртов споменик“. За да преживее, таа мора да биде корисна за заедницата, па, оттука, на нејзиното обновување и одржување не треба да се гледа како на трошок, туку како на трајна инвестиција во еден простор од кој и Скопје ќе изгледа поинаку, точка од која најсилно ќе може да се видат виталноста на градот и неговиот специфичен повеќеслоен културен идентитет.