Четворица мажи денеска беа успешно извлечени од поплавена пештера во централниот дел на Лаос, со што заврши евакуацијата на петмината преживеани кои десет дена беа заробени под земја, соопштија тајландските спасувачки служби.
Првиот од заробените мажи беше спасен вчера, а денешната операција овозможи безбедно извлекување и на останатите четворица.
Спасените се дел од група од седум жители на Лаос кои минатата недела влегле во пештера во покраината Ксаисомбун во потрага по злато. Нивниот излез бил блокиран по обилни врнежи од дожд, ненадејни поплави и свлечишта, поради што останале заробени повеќе од една недела во поплавените подземни простории.
Спасувачките екипи сега ги насочуваат напорите кон пронаоѓање на уште двајца исчезнати селани. Потрагата се одвива во подлабоките делови на пештерата, на околу 20 до 25 метри од местото каде што беа откриени преживеаните, иако тој дел во моментов е целосно под вода.

































