- Во оваа колумна ќе ги одминам евроинтеграциите, односите со соседите,
геополитичките случувања и слични сериозни теми, за да истакнеме многу
важен настан во домашни рамки, кој исто така заслужува внимание. Станува збор за одбележувањето на 68-годишнината од првиот број на уникатниот додаток за деца „Колибри“ на „Нова Македонија“, на пригоден настан насловен „Сончева патека“, одржан во вторникот во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје
Кога размислувам на која тема да пишувам во неделната колумна и кога дискутираме за тоа во редакцијата на „Нова Македонија“, најчесто се спомнуваат најзначајните настани од изминатата недела опфатени во насловните теми на весникот, што вообичаено се политички случувања од земјава и од светот. Но неделава ќе ги одминам евроинтеграциите, односите со соседите, геополитичките случувања и слични сериозни теми, за да истакнеме многу важен настан во домашни рамки, кој исто така заслужува внимание. Станува збор за одбележувањето на 68-годишнината од првиот број на уникатниот додаток за деца „Колибри“ на „Нова Македонија“, на пригоден настан насловен „Сончева патека“, одржан во вторникот во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, во присуство на голем број гости и пријатели на изданието.
Поздравувајќи се со сегашниот уредник на „Колибри“, како и со дел од неговите претходници, со долгогодишните соработници и сите други присутни што учествувале и уште учествуваат во создавањето на нашиот додаток за најмладите, можев да забележам искрено задоволство и голем ентузијазам кога тие зборуваат за нивната работа што значително придонела за едукација и воспитување на голем број генерации низ годините. Истото тоа се однесува и на учениците што го збогатија настанот со уметнички точки, кои беа видно возбудени и радосни поради таквата пригода.
Четирите страници на „Нова Македонија“ наменети за најмладите секоја недела информираат преку прилози за работата на училишните секции, објавуваат портрети на талентирани и успешни ученици, давајќи им шанса да ги изразат нивните знаења, способности и креативност. Тие ги едуцираат најмладите читатели со содржини што ги опфаќаат наставните програми, јазични поуки, етиката, бонтонот… а служат и за афирмација на македонски писатели за деца, како и за објавување детски творби. И не е случајно што многумина писатели, уметници и новинари биле инспирирани токму од страниците на „Колибри“.
Автори и просветни работници го опишуваат прилогот како „чувар на детството“, „промотор на убавото“ и „мала оаза на знаење“. Голем број раскази, песни, цртежи, фотографии се вткаени во илјадниците изданија на „Колибри“, што и натаму ги негува детската љубопитност, креативност и љубовта кон пишаниот збор. Особено е значајно тоа што „Нова Македонија“ не ги претставува децата единствено како публика, туку и како самостојни творци. Така најмладите осознаваат дека нивниот труд вреди. А дете што верува во себе, ќе стане и возрасна личност што верува во своето знаење, способности и квалитети.
Улогата на „Колибри“ доаѓа до израз во време кога децата растат „пред екрани“ со кратки видеа и брзи информации и кога, за жал, сведочиме за страшни случаи на врсничко насилство. Податоците на УНИЦЕФ од пред неколку години покажаа дека околу 70 отсто од десетгодишните деца во земјите со ниски и средни приходи не можат целосно да разберат едноставен текст што го читаат, што е сериозно предупредување за иднината на светот.
Но детето не може само да изгради систем на вредности ако околу него доминираат содржини што пропагираат површност. Медиумите затоа сега имаат еднакво силна улога во формирањето на детската свест, култура и воспитување, бидејќи образованието отсекогаш било темел на секое здраво општество. Секое дете што се едуцира, чита, истражува, прашува и размислува критички има подобри изгледи да израсне во зрела и совесна личност што ќе придонесе за развој на општеството, а со тоа и на државата.
Истакнатата активистка за женско образование и најмладa лауреатка на Нобеловата награда, Пакистанката Малала Јусафзаи, своевремено кажала дека едно дете, еден учител, една книга и едно пенкало можат да го променат светот. А тука може да се додаде и еден одговорен медиум, што е посветен на образованието, воспитувањето и развојот на децата.
Сето ова ни дава поттик, како весник, да продолжиме со истата голема посветеност и труд, за „Колибри“, како единствен додаток за деца во македонскиот дневен печат, кој опстојува речиси седум децении, да продолжи со просветната мисија според замислите на неговите идејни творци и активно да придонесува за посреќно детство на уште многу идни генерации.
































