Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска го отфрли барањето на опозицијата за негова оставка и од собраниска говорница одговори дека бројките се тие кои покажуваат колку и како работи МВР, а не „личната перцепција на СДСМ и Левица“.
Според него, барањето негова оставка е „личен интерес на некои пратеници“.
– Говорам дека добро е што нема разлика помеѓу СДСМ, Левица и ДУИ и добро е што во ист ден повторно вие барате оставка од мене врз основа на вашата перцепција, а Левица повикува на интерпелација. Кај и да е, во текот на денов ги очекувам и овие од ДУИ да излезат – рече Тошковски.
МВР во изминатите две години, истакна тој, по сите параметри и статистики има најдобри резултати.
– Она што вие го правите е исклучиво во рамки на вашиот личен интерес и за да ги задржите овие неколку столчиња кои што ги чувате со претходните парламентарни избори. Јас ве уверувам пред целокупната македонска јавност на наредните парламентарни избори, вака ако продолжите, ќе имате само некое столче минус. А времето ќе каже дали сум бил во право или не сум бил во право – рече Тошковски на денешната собраниска седница наменета за пратенички прашања.
Опозицијата во неколку наврати побара оставка од првиот човек во МВР, со обвинувањта за лоши релултати, кои Министерството категорично ги негира.

































