Македонија и во јунскиот извештај за реформската агенда ќе биде пред т.н. фронтранери, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница, на седницата за пратенички прашања во македонскиот Парламент. Во однос на испораката на правда, пак, очекува побрза и поробусна испорака од претходно, бидејќи граѓаните не се задоволни од спора правда. Според мего, оваа власт ќе испорача се друго што е од реформската агенда, но не и промена на Уставот.
– Се разбира дека не само јас и граѓаните, сите ќе се сложиме дека е премногу бавна или воопшто ја нема и дека не сме задоволни. Поврзано со испораката на правдата очекувам во периодот кој следи побрза и поробусна испорака на правдата споредено со тоа што било порано. Имаме отприлика 120-130 ревизорски извештаи на институции доставени до обвинителството, барем ревизорите велат дека констатирале многу незаконитости, очекувам барем врз основа на тие ревизорски извештаи да се постапува и испорача правда – изјави Мицкоски одговарајќи на пратенички прашања.
Премиерот посочи дека Владата прави се Обвинителството и судовите да добијат услови за работа за да ја испорачаат правдата и за да работат попродуктивно. Потенцира дека службениците во судовите и обвинителствата ќе добијат 40 проценти зголемени плати, 200 нови вработувања, како и се почитува одлуката на Уставен суд да се вратат платите на судиите од 2025 година. Посочи дека нема да има дополнителни зголемувања без јасни резултати.
Премиерот нагласи дека и во јунскиот извештај „ќе бидеме подобри од самопрогласените фронтранери и така ќе бидеме до крај“.
Тој потенцираше дека Владата се друго ќе работи и ќе испорача, но, како што истакна, ќе го изолира прашањето за кое опозицијата води кампања за промена на Устав, за кое останува цврст и непроменет ставот.
– И ќе го изолираме ова за коешто денеска опозицијата води кампања – промена на Устав. Се друго ќе работиме и ќе испорачаме. Тоа што зависи од нас. Но, промена на Устав ќе го изолираме. Сме го кажале нашиот став по тоа прашање коешто е цврст и непроменет и тука нема дилема – нагласи Мицкоски.


































